ГРУЈЕВСКИ МОЖЕ ДА НЕ БИДЕ ЕКСТРАДИРАН И ДА БАРА ПОЛИТИЧКИ АЗИЛ ВО ГРЦИЈА, НАВЕСТИ АДВОКАТОТ ШВРГОВСКИ

    ГРУЈЕВСКИ МОЖЕ ДА НЕ БИДЕ ЕКСТРАДИРАН И ДА БАРА ПОЛИТИЧКИ АЗИЛ ВО ГРЦИЈА, НАВЕСТИ АДВОКАТОТ ШВРГОВСКИСпецијалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов пристигнуваат на денешното судење во Основниот суд Скопје 1 за случајот „Тврдина 2“. (Фото. СДК.МК)

    Љупчо Шврговски, адвокатот на избеганиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, побара на денешното судење за случајот на СЈО „Тврдина 2″ тоа да се одложи до одлуката на грчките власти дали ќе го екстрадираат или не неговиот клиент во Македонија.

    „Прво, познато е неговото место кај се наоѓа, тој е во екстрадиционен притвор и не е во бегство. Второ, барањето за екстрадиција е испратено од Министерството за правда и треба да се види како ќе одлучат властите во Грција. Може да не биде одобрена екстрадицијата и Грујевски да бара политички азил”, рече Шврговски.

    Обвинителите од СЈО Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов побараа да почне главната расправа за палењето на документите – докази за пруслушувањето, по наредба на Грујевски, кој официјално се води како недостапно лице за органите на прогонот. Ако биде екстрадиран, рекоа тие, законот му дава можност да бара повторување на постапката и да му се суди одново во негово присуство.

    Судијката Лидија Петровска го одби барањето на Шврговски и одлучи да почне главната расправа за „Тврдина 2“ која што се влече повеќе од една и пол година, поради што специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе барање за нејзино разрешување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари