ГУЖВИ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ, ПАДНА СИСТЕМОТ

    ГУЖВИ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ, ПАДНА СИСТЕМОТОд МВР велат дека имало проблем со ситемот, што и друг пат се случувало - Табановце денеска околу 10 часот (Фото: СДК.МК)

    Утрово на граничниот премин Табановце имаше колони возила за излез од земјава. Граѓани кои се јавија во нашата редакција и испратија слики од колоните велат дека се ка повеќе од еден час и дека возилата не мрдаат од место. Неофицијално, им рекле дека паднал системот.

    Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека утрово имало проблем со системот.

    „Проблем  со системот имаше, но тоа и друг пат се случувало. Но, проблемот е веќе надминат и во моментов на Табановце сообраќајот се одвива без застој“, изјавија од МВР.

    Во август 2019 премиерите на Македонија и Србија Зоран Заев и Ана Брнабиќ го промовираа заедничкиот граничен премин со едно застанување според системот „One stop shop“. Тогаш беше кажано дека во иднина, возилата кои излегуваат од Македонија ќе поминат полициска и царинска контрола на граничниот премин Прешево, каде ќе има и македонски службеници, додека возилата и патниците што доаѓаат од Србија ќе се контролираат на граничниот премин Табановце.

    „Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и на превозни средства, времето на минување на границата ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе и за зголемување на бројот на туристи помеѓу двете држави, како и на бројот на транзитните туристи“, изјави тогаш премиерот Заев.

    Од минатата година системот „One Stop Shop“ функционира само на излез од Северна Македонија кон Србија, но за влез во државава повторно се чека на двете граници.

    Иако веќе подолго време прашуваме зошто е тоа така, официјален одговор нема. Неофицијално, српската страна си ги повлекла своите гранични служби на почетокот на пандемијата во март минатата година.

    Гужви на Табановце за влез во земјава имаше и последниот викенд во март кога повеќе од 10.000 граѓанки и граѓани на Македонија заминаа на вакцинација во Ниш и Белград.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира