ХЕРОИТЕ ОД НАШАТА ХИМНА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ПИТУ ГУЛИ, ДАМЕ ГРУЕВ И САНДАНСКИ ИМ СЕ ЗАЕДНИЧКИ НА ИЛИНДЕНЦИТЕ ОД 1903 И ОД 1944, КАЖА ЗАЕВ ВО КРУШЕВО

    ХЕРОИТЕ ОД НАШАТА ХИМНА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ПИТУ ГУЛИ, ДАМЕ ГРУЕВ И САНДАНСКИ ИМ СЕ ЗАЕДНИЧКИ НА ИЛИНДЕНЦИТЕ ОД 1903 И ОД 1944, КАЖА ЗАЕВ ВО КРУШЕВОПремиерот Зоран Заев со сопругата Зорица пристигнува на централната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев годинава зборуваше на централната прослава на Денот на републиката 2 август. Во говорот, тој кажа дека химната и републиката им се заеднички на илинденците од 1903 година и илинденците од 1944 година. Потсети дека партизанските одреди во Народноослободителната борба биле именувани по хероите споменати во химната.

    „Што им е заедничко на илинденците од 1903 година и илинденците од 1944 година? Химната и републиката. И хероите од нашата химна Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански. И хероите од НОБ ги именуваа нивните одреди по нив. Славните прилепчани основаа партизански одред Гоце Делчев, затоа што веруваа во неговите зборови. Славните крушевчани основаа одред Питу Гули, а битолчани основаа одред Јане Сандански, затоа што знаеја дека неговата омилена здравица е за независна Македонија. И илинденците од 1903 и вторите илинденци од 1994 се бореа за иднината, а не за минатото и затоа ние сега сме сите деца на Илинден. Затоа е и вградено знамето на Крушевската република во химната“, кажа Заев.

    Рече и дека нема подобар начин да им се оддолжиме на хероите од химната освен со продолжување на нивната борба.

    „Продолжуваме да го негуваме концептот на едно општество за сите од Крушевскиот манифест, продолжуваме со политиките за надминување на поделбите. Патриотска должност е да се обединиме и помириме внатре. Се обединивме со соседите и со евроатланстакото семејство, затоа велам Илинден е повик за обединување, делбите не се патриотизам“, рече Заев.

    На прославата во Скопје, во претседателската вила зборуваше Стево Пендаровски, а на прославата во Пелинце се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари