ХРВАТСКИ „ЈАДРАН ФИЛМ“ ДОБИ НАД МИЛИОН ЕВРА ЗА ТВ СЕРИЈА ЗА ПАВЕЛ ШАТЕВ ШТО НЕ ЈА СНИМИ

    ХРВАТСКИ „ЈАДРАН ФИЛМ“ ДОБИ НАД МИЛИОН ЕВРА ЗА ТВ СЕРИЈА ЗА ПАВЕЛ ШАТЕВ ШТО НЕ ЈА СНИМИГлавен продуцент на серијата „Македонија“ е Винко Грубишиќ кој е сопственик на поранешната државна хрватската продуцентска куќа „Јадран филм“, а за овој проект од македонската Агенција за филм договорено е да добие вкупно 4,6 милиони евра за 4 сезони

    Хрватската продукциска куќа „Јадран филм“ до 4 септември годинава не ја снимила првата сезона од играната серија „Македонија“, иако од македонската Агенција за филм добила 68 милиони денари, односно милион и сто илјади евра, како прва рата од вкупно договорните 283 милиони денари, односно 4,6 милиони евра за 4 сезони. Агенцијата за филм вчера на седницата на Владата ја презентираше информацијата за „Македонија“.

    „Според Агенцијата за филм на Република Македонија, извршената контрола во врска со доделувањето на средства за овој проект и во врска со реализацијата на проектот, констатирала сериозни пропусти. Владата ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со Проект – играна серија „Македонија“ и ја задолжи Агенцијата за филм на Република Македонија во рок од 7 дена до Владата да достави информација во врска со преземените активности за проектот, согласно Законот за филмска дејност. Според овој закон, доколку со Извештајот од извршената контрола се утврди дека доделените средства на конкурсот се користат спротивно на договорот, односно дека корисникот на средствата не се придржува на роковите и обврските утврдени во договорот, или дека филмскиот продуцент ги пренел правата од филмот и средствата добиени од Агенцијата на трети лица, директорот на Агенцијата ќе ја активира банкарската гаранција, ќе го раскине договорот и ќе донесе Решение со кое се прекинува натамошното финансирање на Проектот и со кое бара враќање на доделените средства од Агенцијата со законска затезна камата“, соопшти Владата.

    Серијата „Македонија“ беше одобрена на конкурсот за поддршка на Проекти од национален интерес во филмската дејност за 2016, во мандатот на поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска. Според резултатите од конкурсот, објавен на сајтот на Агенцијата за филм, серијата треба да има 130 епизоди во 4 сезони и е одобрена за повеќегодишно финансирање. Како режисери се наведени Зоран Петровски, Стојан Вујичиќ, Кристијан Милиќ, сценаристи Бранко Шомен, Огнен Ѓеоргиевски и Никола Жежов.

    Главен продуцент на серијата е Винко Грубишиќ кој е сопственик на поранешната државна  хрватска продуцентска куќа „Јадран филм“. Тој на 18 август годинава за Макфакс изјави дека главниот историски лик во „Македонија“ е Павел Шатев, „централен лик околу кој се плетат трилер приказни, некои базирани на историски факти, а некои оставени на креативната слобода. Главно тоа треба да биде некоја возбудлива трилер историска серија, која се работи со сосема нов пристап  во продукцијата и креативниот дизајн“. Тој кажал и дека ликот на Павел Шатев ќе го игра Емил Рубен, „а снимена е и првата музичка подолга, чии автори се држат во тајност“.

    Грубишиќ тогаш најави и дека екипата е во интензивна работа за да падне и првата клапа за серијата. Режисерите што во август беа најавени дека ќе работат на „Македонија“ се Игор Алексов и Стојан Вујичиќ, но не и Зоран Петровски, кој беше наведен во конкурсот. Кристијан Милиќ, пак, познат по воени драми во Хрватска, за Макфакс во август изјави дека нема никаков ангажман и дека не знае кога почнува снимањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира