Извесно е дека и членовите на Државната изборна комисија (ДИК) предложени од СДСМ ќе бидат повлечени по најавата на лидерот на партијата Зоран Заев дека најголемата опозициска партија нема да учествува на предвремените избори на 5 јуни.
„Една од поизвесните одлуки и дека и тие ќе бидат повлечени“, рече Заев доцна синоќа, неколку минути откако Собранието се распушти и отвори пат за распишување предвремени избори.
Со евентуалното повлекување на Виолета Дума и Игор Милев, како преставници на СДСМ во Државната изборна комисија, оваа институција што е најодговорна за организирање на изборите ќе има мнозинство за одлучување, но без опозицијата.
Членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието, но тоа веќе не постои.
Во ДИК, покрај тројца експерти, членуваат и по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ и по еден претставник од ДУИ и од ДПА.
Вчера претседателот на ДИК Александар Чичаковски, изјави: „Ако остане само еден спорен гласач, нема да го потпишам избирачкиот список“.
Иако Собранието се распушти, спикерот Трајко Вељановски не ги распиша изборите. Најверојатно ќе се повика на законскиот рок тоа да го стори најдоцна до 15 април. Собранието не ги изгласа и оставките на министрите и замениците министри од СДСМ што дополнително ја комплицира ситуацијата. Лидерот на Заев изјави дека власта ги држи во заложништво. „Ќе направиме се за нашите луѓе да не бидат дел од владата која планира да спроведе криминални избори“, рече Заев.
Не е јасно дали Државната изборна комисија ќе успее за една недела да ги разјасни многуте нејаснотии околу избирачкиот список. Вчера беше соопштено дека од 87.128 лица кои теренски беа проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома.
ДИК побарала од избирачкиот список да се избришат околу 4.000 лица, за кои според евиденцијата на МВР и матичната евиденција е потврдено дека се починати.
Од МВР сè уште не се докрај обработени податоците на повеќе од 100.000 лица кои се појавија како спорни по вкрстената проверка.