И НА ЗАМИНУВАЊЕ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ПЛОМП ПРЕДУПРЕДИ ЗА СЈО

    И НА ЗАМИНУВАЊЕ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ПЛОМП ПРЕДУПРЕДИ ЗА СЈОПремиерот Зоран Заев на денешната средба му се заблагодари на холандскиот амбасадор Ваутер Пломп за одличната соработка во изминатите четири години. (Фото: Влада на РСМ)

    Холандскиот амбасадор во Скопје Ваутер Пломп и на денешната средба со премиерот Зоран Заев ја нагласил значајната улога на СЈО во борбата против корупцијата и потребата од решавањето на статусот на СЈО.

    „На средбата е разговарано за важноста и за чекорите што се преземаат за имплементација на реформите во правосудството. Нагласена е и значајната улога на СЈО во борбата против корупцијата. При тоа истакната е потребата за натамошна посветеност на ова прашање и во иднина“, се вели во соопштението на Владата за средбата на Заев со Пломп, кому му завршува мандатот.

    На 13 јуни, Холандската амбасада кажа дека холандската влада ќе инсистира пред Европскиот совет да го постави брзото усвојување на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО, како услов за одредување датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

    „Минатата година, Северна Македонија доби домашна задача пред да може да бидат отворени пристапните преговори. Направениот напредок за овие услови е охрабрувачки. Дополнително, Договорот од Преспа е пример за регионот. Важен чекор што треба да биде направен во борбата против корупцијата е брзо усвојување на законското решение во врска со Специјалното јавно обвинителство. Владата ќе инсистира Советот да го поврзе овој услов во одговорот на препораката на Комисијата да се отворат преговори со Северна Македонија“, рекоа тогаш од Холандската амбасада.

    На 25 јуни, амбасадорот Пломп повтори дека усвојувањето на Законот за Јавно обвинителство останува услов за Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во Европската унија и ја повика опозицијата да понесе одговорност за наоѓање ефикасно решение за статусот на СЈО

    Преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за Јавно обвинителство се закочени. На крајот на минатиот месец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе достави нивен предлог за законот, а од Министерството за правда одговорија дека нема да прифатат законско решение доколку во него има скриена амнестија. Претходно, Заев најави лидерска средба со Мицкоски, на која вели дека ќе се разговара за законот за СЈО, но и за пописот и Изборниот законик.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира