И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ ПРОТИВ ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРИВИЛЕГИИ ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ

    И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ ПРОТИВ ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРИВИЛЕГИИ ЗА ПРАТЕНИЦИТЕГрупа пратеници бараат дел од привилегиите кои ги имаат да им важат и по завршување на мандатот. Тие во Собранието јавно не сакаа да зборуваат за предлогот кога ќе им заврши мандатот, ако останат без работа, да мора да бидат вработени во државната администрација. (Фото: СДК.МК)

    И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се против најавениот предлог пратениците по завршување на пратеничкиот мaндат да се вработат во државна служба.

    Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски денес изјави дека нема да има предлог за посебни привилегии за пратениците по завршување на мандатот.

    „Не смееме да размислуваме во тој правец, оној кој што бил избран и именуван функционер, избран од граѓаните утре да биде попривилегиран токму повеќе од граѓаните и да оди на работно место коешто впрочем можеби го заслужува некој од граѓаните“, изјави пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

    Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека СДСМ ја подготвила иницијативата за посебни права и повластици на пратениците, но по бурните реакции на јавноста се повлекле.

    „Правата и одговорностите на пратениците се доволно добро уредени. Унапредувањето на нивните бенефиции не само што нема да го подобри животот на граѓаните, туку напротив ќе предизвикаат дополнителни буџетски импликации. Народните пари треба домаќински да се трошат за потребите на народот за изградба на училишта, болници, патишта, а не за каприци на СДСМ“, изјавија денес од ВМРО-ДПМНЕ.

    Група пратеници бараат дел од привилегиите кои ги имаат да им важат и по завршување на мандатот. Тие во Собранието јавно не сакаа да зборуваат за предлогот кога ќе им заврши мандатот, ако останат без работа, да мора да бидат вработени во државната администрација.

    Дел од пратениците за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека тоа е само идеја и прво треба да се види дали Собранието и Владата ќе се усогласат или не. Поради тоа што знаат дека идејата нема да помине со одобрување во јавноста, никој од нив не сакаше да зборува до каде е изработката на текстот за пратенички привилегии.

    Овој предлог за пратенички привилегии не е нов. Содржината е слична со работната верзија на Законот за Собрание од 2009 година.

    Тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Собранието, на координативен состанок со тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски ја прифатиле работната верзија на Закон за Собрание. Во него било предвидено пратениците по завршување на пратеничкиот мандат автоматски да можат да се вработат во државната администрација. Но, по реакции на јавноста, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се повлекоа од предлогот за зголемување на привилегиите.

    Ниту тоа не беше прв обид пратениците да си изгласаат некакви привилегии за себе кои ќе важат по завршување на пратеничкиот мандат.

    Во 2002, тогашниот состав на Собранието спреми закон со слични привилегии.

    Тогаш претседател на СДСМ беше Бранко Црвенковски, кој заедно со пратеничката група на СДСМ беше против донесување на измени на Законот за пратеници, со кои се добиваат пратенички привилегии и по завршување на мандатот. Привилегиите би важеле и за пратениците од првиот парламентарен состав.

    Во 2005 беа изгласани измени на Законот за пратеници со кој се овозможуваше пратениците да одат во пензија со 25 години работен стаж и 55 години возраст, а пратеничките со 25 години стаж и наполнети 53 години.

    Уставниот суд тогаш ги укина членовите што предвидуваа привилегии за пратениците.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира