И СОНЦЕТО Е ЅВЕЗДА, СЕ НАДЕВАМ ЕДЕН ДЕН ЌЕ СВЕТИ ВО ЕУ, РЕЧЕ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ДИРК ЈАН КОП НА ПРЕДАВАЊЕ НА АКРЕДИТИВНИТЕ ПИСМА

    И СОНЦЕТО Е ЅВЕЗДА, СЕ НАДЕВАМ ЕДЕН ДЕН ЌЕ СВЕТИ ВО ЕУ, РЕЧЕ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ДИРК ЈАН КОП НА ПРЕДАВАЊЕ НА АКРЕДИТИВНИТЕ ПИСМААмбасадорот Дирк Јан Коп рече дека Холандија ќе продолжи да дава поддршка за земјава во спроведувањето на реформската агенда на Европската унија. (Фото: Претседател на РСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од новиот амбасадор на Холандија во земјава, Дирк Јан Коп. Пендаровски изрази благодарност за конзистентната поддршка од Холандија, која од осамостојувањето на државава е една од најголемите донатори и силен поддржувач на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

    „Холандија континуирано ни помага во реформите на судството, владеење на правото и јавната администрација, но и заштитата од дискриминација на ранливите и маргинализираните групи во општеството, а со цел да изградиме силни и независни институции кои се столб на секоја европската демократија. Холандскиот строг и фер принцип се покажа како одлична формула за суштинска имплементација на реформската агенда и постигнување на европските стандарди во нашата земја“, рече претседателот Пендаровски.

    Амбасадорот Дирк Јан Коп рече дека Холандија ќе продолжи да дава поддршка за земјава во спроведувањето на реформската агенда на Европската унија, особено кога станува збор за владеењето на правото и доброто владеење.

    „Северна Македонија помина низ многу предизвици и постигна многу во изминатите 28 години од нејзината независност. Пред многу кусо време, вашата земја успеа да се издигне од многу тешка политичка криза, да го реши прашањето за името кое траеше со децении и да стане наш сојузник во НАТО. И сонцето е ѕвезда како што имам слушнато, и се надевам дека еден ден ќе свети во нашата Унија“, рече амбасадорот Дирк Јан Коп.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира