Од утре (1 септември) и домашните и странските државјани во земјава може да влезат и да излезат само со потврда за вакцинација или ПЦР тест, ја дополни Владата одлуката од 17 август. При влез или излез во земјава, граѓаните на граничниот премин треба да приложат потврда за примени две дози од вакцина против ковид-19 или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или негативен ПЦР тест, направен најмногу 72 часа претходно, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
На граѓаните кои ќе влезат во државата без ваква потврда или негативен ПЦР тест, ќе им се одреди мерка карантин од седум дена, со решение за домашна изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена ако во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивна сметка.
Исклучок од ова правило ќе бидат странските државјани кои транзитираат низ земјата, кои ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа, со претходно потпишана изјава на влез во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјата.
Оваа одлука Владата ја донесе на 17 август, а стапува на сила денес. Цело лето во земјава беше дозволен влез и за домашни и за странски државјани без никакви ограничувања. По наглото зголемување на бројот на нови случаи, преполните болници во Тетово и Гостивар, брзото ширење на делта сојот и зголемениот број смртни случаи, Владата ја донесе одлука за заострување на мерките за влез во земјава.
Европската унија вчера ја врати Македонија на листата небезбедни земји, со што се ограничува патувањето во земјите членки на ЕУ. Оваа одлука значи дека македонските граѓани повторно ќе се соочат со ограничувања и построги контроли при несуштинските патувања во ЕУ, како тестирање за коронавирус и карантин. Таа не е обврзувачка за сите членки на Унијата, туку секоја држава има право да воведе свои гранични правила.
А. АНТЕВСКА