Иако Зијадин Села се договорил со лидерот на СДСМ Зоран Заев, Алијансата за Албанците да остане во владината коалиција, ДУИ ќе го проблематизира изборот на нов министер за здравство кој треба да го даде партијата на Села по изборот на Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар.
Извори од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека пратеничката група останува на ставот да не гласа за било кој кандидат од Алијансата за Албанците за министер за здравство, поради изјавите на Зијадин Села дека лидерот на ДУИ Али Ахмети знаел за организираниот напад на Собранието на 27 април.
Од ДУИ велат дека не можат да гарантираат дека сите нивни пратеници ќе гласаат за изборот на новиот министер.
„СДСМ има 49 плус два пратенима има Села, тоа се 51 пратеник. Без 10 пратеници на ДУИ немаат мнозинство. И да се додадат 5-те пратеници на Движењето Беса, пак нема мнозинство, освен во случај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за изборот на министер во владата на премиерот Зоран Заев“, велат од пратеничката група на ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК
Од партијата брифираат дека ако Зијадин Села се извини јавно за изјавите дека Али Ахмети заедно со ВМРО-ДПМНЕ се организатори на обидот за убиство во Собранието на 27 април, можеби ќе гласаат за изборот на нов министер. Одлуката како ќе гласа ДУИ ќе ја донесе централното претседателство на партијата.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети на прес-конфренција на 27 октомври рече дека Села не е подготвен за големи процеси и дека е разочаран поради погрешната страна што ја зазел. Тој изјави дека е многу разочаран и вознемирен што Зијадин Села, лидер на Алијансата на Албанците го обвинил дека тој е нарачател на обидот за убиство на Села на 27 април во Собранието.
„Многу сум разочаран поради погрешната страна што ја зазеде Зијадин Села и би сакал тој да има поконструктивен пристап. Села не е подготвен за големи процеси. Уште повеќе сум вознемирен од изјавата на Села дека Ахмети и ВМРО-ДПМНЕ се организатори на неговото физичко елиминирање за потоа да го елиминираме и политички“, рече Ахмети.
Алијансата за Албанците останува во владината коалиција, изјави протпаролот на Алијансата за Албанците Флакрон Беџети за државната агенција МИА.
Тој рече дека одлуката била потврдена на вчерашната средба помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.
„ Средбата беше конструктивна, во позитивен дух, на која меѓу другото се разговараше за продолжување на реформите, со заедничка посветеност на реформската влада. Алијансата за Албанците продолжува да биде дел од Владата со оние позиции кои претходно беа договорени во составот на парламентарното мнозинство и создавањето на реформската влада“, рече Беџети.
Г. ТРПЕНОСКИ