ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГИ ЧЕКА СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ДОГОВОРАТ, ПА ЌЕ ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА ЗА ИЗБОР НА ДИК

    ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГИ ЧЕКА СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ДОГОВОРАТ, ПА ЌЕ ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА ЗА ИЗБОР НА ДИКПретседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека сè додека партиите не се договорат за ДИК, нема да закаже седница на Комисијата, оти без партиски договор нема да се избере ДИК, ќе треба да се повтори целата постапка, нов оглас, нов рок за кандидатури со што би се изгубило непотребно време. (Фото: СДК.МК)

    Рокот за избор на Државна изборна комисија (ДИК) е пробиен. Изборот на персоналниот состав заглави во партиските надмудрувања меѓу власта и опозицијата. Неизвесно е дали претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски ќе закаже седница оваа недела на која треба да се утврди составот на ДИК, па после да се стави на гласање на пленарна седница.

    Пратеникот Димовски вчера изјави дека сè додека партиите не се договорат за ДИК, нема да закаже седница на Комисијата, оти без партиски договор нема да се избере ДИК, ќе треба да се повтори целата постапка, нов оглас, нов рок за кандидатури со што би се изгубило непотребно време.

    И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат меѓу себе за блокирањето на изборот на ДИК, која треба да го спроведе референдумот за името најавен за крајот на септември или почетокот на октомври.

    СДСМ тврди дека ултиматумот на ВМРО-ДПМНЕ, прво да се донесат новите закони за финансирање на партиите и за владата, па избор на ДИК, не држат, бидејќи биле усогласени на ниво на работни групи меѓу власта и опозицијата. Условите што ги поставувала опозицијата, за СДСМ биле само обид да се саботира референдумот.

    ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека според договорот за враќањето на опозицијата во Собранието, во пакет треба да се донесат законот за финансирање на партиите и за влада, и изборот на новиот состав на ДИК.

    Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17 јули, со мандат од шест месеци.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека има деловничка можност веднаш кога ќе се договори составот на ДИК, да закаже итна собраниска седница и таа да се избере.

    Партиски договор меѓу власта и опозицијата мора да има, бидејќи ДИК се бира со двотретинско мнозинство. Без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не може да се избере ДИК.

    Партиите кандидати за ДИК се утврдени, освен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Неофицијално, кандидати за ДИК од СДСМ се, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристеска, од ДУИ, Дитмире Шеху, и како заеднички кандидат на Движењето БЕСА и Алијансата на Албанците Енвер Салихи.

    Како најсериозни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се Светлана Карапетрова и Оливер Дерковски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира