ИМА НАПРЕДОК ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈО, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ИМА НАПРЕДОК ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈО, РЕЧЕ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев е оптимист дека Законот за јавно обвинителство со кој се регулира работата на СЈО наскоро ќе биде донесен и кажа дека има напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека има напредок во преговорите за опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство со кој треба да се уреди работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и дека верува оти во кус период ќе може да биде донесен, со што ќе се исполни последниот услов за добивање датум за преговори со Европската Унија. Тој ова го кажа, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе си даде оставка ако земјата годинава не добие датум за преговори со ЕУ, по работната средба со стопанските комори за скратено работно време при користење родителско отсуство.

    „Тесниот простор меѓу изборите за Европскиот парламент и извештајот на Европската комисија кој се објавува по изборите, неколку земји имаат четири дена за да го усвојат тој извештај и за да им дадат пас на земјите членки при Советот на Европа да ја донесат одлуката. Јас верувам дека оваа година нашата земја ќе добие конкретен датум за преговори. Немам дилема околу тоа, посебно знаејќи дека остана само уште еден закон кој низ политичкиот дијалог треба да го договориме. Законот транспарентно го изготвивме и огромно мнозинство стои зад него. За жал, потребно е двотретинско мнозинство и ако го обезбедиме двотретинско мнозинство, нема друг услов од критериумите за добивање датум. Сите други услови се исполнети“, рече Заев.

    Тој кажа дека во овој период треба да се донесат уште и Законот за јавни обвинители и Законот за безбедносните структури, за кои веќе е обезбедена согласност. Рече дека има мал напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, но дека остава министерката за правда и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои во моментов разговараат да ги изнесат своите ставови.

    „Помалите партии, како што се Алијансата на Албанците и БЕСА, веќе дадоа свои инструкции и дадоа јавни изјави, но оставија простор прво да се договориме со најголемата опозициска партија. Осумте пратеници во ВМРО-ДПМНЕ дадоа свои правци и инструкции, но и тие оставија простор прво да завршат преговорите со најголемата опозициска партија. Кога се исполнети сите реформи, кога на Европа ѝ држиме лекација за напредок не размислувам за оставка, па колку и да сте од опозициска телевизија“, рече Заев.

    Премиерот е оптимист дека законот навреме ќе биде донесен за да може да влезе и тоа во извештајот на Европската комисија, бидејќи извештајот иако се објавува по изборите за Европскиот парламент, тој се пишува во мај.

    „Убеден сум дека ден поскоро ќе донесеме решение што поскоро. Би било убаво пред изборите, тоа ќе значи дека го фаќаме април, и ќе отстраниме можност да се користи во изборната кампања, оти е системско решение, еден од најважните закони во правосудството“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира