ИМА ЗНАЧАЈНИ ОТСТАПУВАЊА ВО ОБЈАВЕНИ И ПРОПИШАНИ ТЕРМИНИ ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, КАДАРОТ Е НЕДОВОЛНО ОБУЧЕН, ВЕЛАТ РЕВИЗОРИТЕ

    ИМА ЗНАЧАЈНИ ОТСТАПУВАЊА ВО ОБЈАВЕНИ И ПРОПИШАНИ ТЕРМИНИ ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, КАДАРОТ Е НЕДОВОЛНО ОБУЧЕН, ВЕЛАТ РЕВИЗОРИТЕНа 15 јануари на Институтот за радиологија беше претставен нов дигитален рентген апарат за снимање деца во оваа установа, вреден 373.626 евра. (Фото: К. Попов)

    Двојно e зголемен бројот на апарати за магнетна резонанца (МР) во установите од јавното здравство (ЈЗУ), а обемот на услуги кон граѓаните  во 2022 е приближно ист како во 2017, покажа ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца-МР?“ во периодот од 2019 година до 2022.

    Бројот на апарати за МР во јавното здравство од 7 е удвоен на 14. Донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците/граѓаните.

    Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок со обезбедување седум нови покрај постојните осум апарати за МР во јавното здравство во последните три години, тие не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците.

    Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат е под просекот на европските држави, кој се движи од 4.000 до 9.000 снимања годишно по апарат.

    Најинтензивно користење на апаратите за МР се врши во Клиничката болница во Битола, Институтот за радиологија и Здравствен дом Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во Клиничката болница во Тетово.

    Во електронската листа објавени се вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83%, а искористени 56% односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај.

    Извор: Државен завод за ревизија

    „Постојат значајни отстапувања на бројот на објавени термини во однос на пропишаните, а во повеќе месечни периоди воопшто не биле објавувани или биле објавувани значајно помал број на термини како резултат на дефекти на апаратите за МР и намален расположлив кадар, како и поради ковид-19 кризата во 2020 и 2021 година. Воспоставена е пракса за неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специјалистите, за што од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство, поради што, не ретко користат услуги во приватното здравство, за кои пак надлежните институции немаат податоци“, вели Државниот завод за ревизија.

    Само во три ЈЗУ се вршат снимања со МР за сите видови дијагностики, а во останатите поради недоволно обучен кадар и/или неисправни коили (антени) се вршат само одредени снимања, додека снимање на доенчиња и мали деца се врши само во две ЈЗУ кои имаат обучен кадар.

    Дел од ЈЗУ немаат воспоставено ПАКС систем, поради што нема комплетна архива на МР снимки и не може да се потврди вкупниот број на извршени снимања. Исто така, не секогаш се запазува правилото за читање на снимките од МР на работната единица на апаратот или во ПАКС систем со потребната резолуција и квалитет на снимка. Повеќето ЈЗУ работат според воспоставена пракса и немаат донесени процедури и воспоставен систем на внатрешни контроли за процесот на прием на пациентите, вршење на услугите, издавање на резултатите, изготвување пресметка и наплата на партиципацијата, а во дел не се води медицински дневник. Наведеното влијае на намален квалитет на здравствените услуги, на остварувањето на правата за осигурениците, како и на исходот и зголемувањето на трошоците за понатамошно лекување.
    Опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во ЈЗУ со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа и координација во поглед на обезбедување на потребниот обучен стручен кадар и истите се недоволно искористени, а еден дониран апарат воопшто не е ставен во употреба. Постојат значајни разлики во набавната вредност на апаратите за МР, набавени на различен начин во различен период за различни ЈЗУ, имајќи ги предвид моделот и јачината на магнетно поле на апаратите“, стои меѓудругото во ревизијата.

    Графикон со извршените услуги со МР по пакети. Извор: Државен завод за ревизија

    По основ на одржување и сервисирање на апаратите, ЈЗУ имаат платено околу 1,2 милиони евра (75.495 илјади денари) за вкупно 49 интервенции.

    Дел од ЈЗУ редовно планираат и спроведуваат постапки, додека дел склучуваат договори за одржување и сервисирање на апаратите и набавка на резервни делови само по утврден дефект, што влијае на достапноста на услугите со МР.

    Држаниот завод наведува дека од друга страна, монополската позиција на овластените сервисери и недостатокот на конкуренција, како и неефикасниот систем на интерни контроли во процесот на одржување на опремата во ЈЗУ, има влијание на реалноста на направените набавки по овој основ и рационалното трошење на јавните средства.

    Во делот на правната рамка, ревизорите утврдиле дека отсуствува пропишана и воспоставена листа на чекање на подолг рок за системско следење на реалната потреба од услуги за снимање со МР, уредување на рокот во кој треба да бидат издадени резултатите од извршените снимања, како и пропишани стручни упатства за медицина заснована на докази и протоколи за вршење услуги со МР. Не е донесен предвидениот подзаконски акт за сертифицирање на софтверите кои ги користат здравствените установи за поврзување и интегрирање со Мој термин и не се преземени активности за воспоставување и функционирање на Национален систем за архивирање и комуникација на слики.

    Управата за електронско здравство и Институтот за јавно здравје не се целосно екипирани. Регистарот на здравствени работници во Мој термин, поради нередовно и нецелосно внесување на податоците од страна на ЈЗУ, содржи некомплетни информации за здравствениот кадар.

    Извор: Државен завод за ревизија

    Недореченоста и нецелосната примена на прописите, недоволните капацитети на институциите и нецелосното исполнување на доделените надлежности доведува до отсуство на целосни, точни и ажурирани податоци за човечките ресурси, опремата и извршените здравствени услуги за радиолошка дијагностика со МР, како во јавното, така и во приватното здравство, со што е оневозможено соодветно планирање и обезбедување на потребните човечки ресурси, подобро искористување на постојните и утврдување на потребата од набавка на нови апарати за МР.

    По основ на склучени спогодби за вршење здравствени услуги во 4 ЈЗУ, кои немаат сопствен кадар за читање на МР снимки, исплатени се 9.156 илјади денари.

    „Постојат значајни разлики во начинот на ангажирање и висината на надоместокот за докторите, како и отсуство на контроли и нерегуларности во начинот на утврдување и потврдување на ангажманот и исплатите за истиот, што влијае на економичното и рационално трошење на јавните средства.
    Министерството за здравство не врши континуирани контроли на електронската листа, а направените контроли во 2023 година не се доволно ефикасни. Државниот санитарен и здравствен инспекторатот најчесто врши инспекциски надзор кај ЈЗУ по добиени претставки во делот на издавање резултати од извршените снимања. Отсуството на сеопфатно, континуирано и ефикасно вршење на надзор и контрола на работата на ЈЗУ влијае на можноста навремено да биде утврдено непочитувањето на прописите и преземање на потребните мерки за нивно надминување“, вели Заводот и додава дека за надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните институции, а во функција на обезбедување ефикасно користење, достапност и соодветен квалитет на здравствените услуги на граѓаните со магнетна резонанца.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира