ИМАМ ПЛАН КАКО ДА ГО РЕШИТЕ СПОРОТ СО БУГАРИЈА И МУ ГО ПРЕНЕСОВ НА МИЦКОСКИ, РЕЧЕ ОРБАН ПО СРЕДБАТА ВО ОХРИД

    ИМАМ ПЛАН КАКО ДА ГО РЕШИТЕ СПОРОТ СО БУГАРИЈА И МУ ГО ПРЕНЕСОВ НА МИЦКОСКИ, РЕЧЕ ОРБАН ПО СРЕДБАТА ВО ОХРИДОрбан предлага Унгарија да биде посредник за решавање на спорот со Бугарија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, кој од вчера е во дводневна официјална посета на земјава,рече дека има план како да се реши спорот меѓу Македонија и Бугарија, со што ќе се одблокира европскиот пат на земјава. На денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по одржаната меѓувладина седница, Орбан рече дека планот го споделил со него и Унгарија е спремна да биде посредник.

    „Следната станица за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат е да се постигне спогодба со Бугарија. Јас за тоа имам еден предог и тоа му го пренесов на премиерот Мицкоски. Исто така, предложив како земја-претседавач со ЕУ да бидеме посредник во овој процес. Националната гордост е најважна за една држава, а ова што се случува со Македонија е повредување со националната гордост и тоа се случува во изминативе 10 години. Вие требаше досега да сте членка на ЕУ и според мене тоа е голема грешка, а таа грешка е дуплирана сега со раздвојување од Албанија. До крајот на оваа година треба да започнете преговори со ЕУ“, рече Орбан.

    Премиерот Христијан Мицкоски, прашан што понатаму ќе прави Владата во однос на евроинтеграцискиот процес со оглед на тоа дека нема да почнат преговорите со ЕУ, рече дека не смееме да губиме надеж, но не кажа какви ќе бидат понатамошните чекори.

    „Ние не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме, иако многу пати се разочаравме во овие децении. Жалам што пак сме жртва на билатеризација, но ќе продолжиме да работиме напорно, да ги решаваме проблемите дома кои се напластени од минатата влада. Добро е што имаме пријатели во ЕУ кои го шират нашиот глас, а еден од нив е Виктор Орбан. Се надевам дека и ние еден ден ќе можеме да бидеме дел од тоа семејство. Жалам што само две страни беа задоволни од оваа одлука на ЕУ, а тоа се политичарите од Бугарија и нашата опозиција“, рече Мицкоски.

    Орбан рече дека Европската Унија „ја загуби својата динамика и затоа мораме да обезбедиме проширување“.

    „Украина и Молдавија на некој начин добија вонредно забрзани постапки за зачленување. Мораме пред себе да го имаме геополитичкиот фактор, но мораме да почитуваме и тоа дека државите кои долги низ години работат на тоа да станат членки на ЕУ сега се ставени во втор план а тоа не е чесно и затоа ние, како претседавачи на Европската Унија, сметаме дека е многу важно да се стави на дневен ред зачленување на Западно-Балканскиот Регион во ЕУ. Согласно тоа би сакале да се забрза процесот на зачленување на Северна Македонија“, рече Орбан.

    „Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво“, рече Мицкоски.

    Унгарија, според Мицкоски, е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на македонските аспирации за полноправно членство.

    „Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија“, кажа тој.

    Орбан кажа дека и во наредниот период ќе продолжи економската соработка со земјава, а многу е важно за Унгарија што во Македонија има стабилна влада која ќе го запре мигрантскиот пат. Прашан дали се од Кина парите од кредитот од 500 милиони евра кој ќе го земе државава, Орбан рече дека тоа не е точно.

    „Кинески заем не можеме да даваме оти со нив имаме договор тие пари да одат на конкретни проекти. Кинески пари не можеме да даваме, можеме европски и од нив ќе ви даваме“, рече Орбан.

    Унгарската делегација денеска во Охрид ги посети, црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји положија цвеќе пред споменикот на Светите Кирил и Методиј во Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира