ИМАШЕ ЕКСПЛОЗИЈА, ПАДНА ТАВАНОТ И СИТЕ БРЗАВМЕ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, ВЕЛИ 20-ГОДИШНО МОМЧЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИ

    ИМАШЕ ЕКСПЛОЗИЈА, ПАДНА ТАВАНОТ И СИТЕ БРЗАВМЕ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, ВЕЛИ 20-ГОДИШНО МОМЧЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИДискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запали стиропорот на таванот. Слушнав експлозија и падна покривот. После сите брзавме да излеземе, сите трчавме кон една врата, таа е и за влез и за излез, ни изјави момче на 20-тина години кое синоќа било во публиката во дискотеката „Пулс“ во Кочани на концертот на групата ДНК. Во пожарот  загинаа 59 лица, а 152 се хоспитализирани различни здравствени установи низ државата. Од нив 18 се во критична состојба. Загинатите се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип,

    Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.

    Пред болницата во Кочани има многу семејства, кои чекаат за идентификација на жртвите или информација за хоспитализираните.

    Директорката на болницата, д-р Кристина Серафимовска, кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.

    Пред болницата во Кочани има многу семејства, кои чекаат за идентификација на жртвите или информација за хоспитализираните. (Фото: СДК.МК)

    Според првичните информации, како што кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.

    На прашањето дали дискотеката има дозвола и кој дозволил да има дискотека во куќа која е со решетки на прозорите и е веднаш до други куќи, Тошковски рече дека веќе има приведено лица во врска со пожарот и ќе се утврди одговорност. Не кажа колкумина се приведени, но дека вети дека одговорност ќе има со име и презиме.

    Министерството за здравство објави телефонски броеви на кои семејствата може да добијат информации за состојбата на хоспитализираните лица по пожарот. Ова се телефонските броеви:

    Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ – 071226764

    Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје- 070387115

    Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 075203026

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира