Сите достапни дигитални здравствени услуги се интегрирани на едно место на веб-платформата„е-здравство“, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на јавната презентација на новата платформа, која ја изработи „Мој термин“ со техничка и финансиска поддршка од УНИЦЕФ.
На платформата има секции како Скрининг, Имунизација, Регистри, Дигитално здравство и Листа на извештаи. Страницата содржи информации за бројот на издадени рецепти и упати.
„Ние живееме во дигитална ера. И покрај тој факт, често веруваме дека информациите се лесно достапни, но истражувањата покажуваат дека еден од четири родители во Северна Македонија смета дека нема доволно пристап до сите информации потребни за носење одлуки во врска со вакцинацијата на децата. Пристапот до информации е од критична важност за зајакнување на јавноста, вклучувително и на родителите. Затоа треба да промовираме вакви информативни извори како што е веб сајтот е-здравство кој ќе обезбедува најнови информации, веродостојни информации кои ќе ѝ помогнат на јавност да донесе одлуки за здравјето и на родителите и на децата“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
Ди Џовани кажа дека новата платформа ги интегрира на едно место сите дигитално достапни здравствени услуги и има посебен дел за имунизација.
„Родителите, старателите и јавноста таму може да проверат кога треба да го однеста детето на вакцинација. Се надеваме дека оваа платформа ќе претставува чекор напред во олеснувањето до пристапот на информации и услугите во обновата на довербата кон вакцините. Во согласност со Неделата на вакцинација која почнува денес, сакам да истакнм дека вакцините се еден од најголемите пронајдоци во историјата на здравството и човековиот развој и спасуваат од 2 до 3 милиони детски животи“, кажа Ди Џовани.
Целта на оваа веб-платформа, како што рече Елица Стојаноска од „Мој термин“, е да стане место кое ќе нуди информации од јавен карактер поврзани со здравството, опис и промоција на актуелни програми достапни за граѓаните, регистри од областа на здравството како и аналитички извештаи.
„Податоците се поткрепени со интерактивна мапа која визуелно го покажува здравствениот ситем во Македонија како еден динамичен и активен систем. Достапна е на македонски и албански јазик и има можност за пребарување по клучен збор“, кажа Стојаноска.
- АКО ЛЕКАРИТЕ СИ ЈА РАБОТЕЛЕ РАБОТАТА, ЗОШТО ИМАМЕ ТОЛКУ МНОГУ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА?, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ЗА ПОСЛЕДНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНИЦЕФ
- МАКЕДОНИЈА НА ВТОРО МЕСТО ВО СВЕТОТ ПО БРОЈОТ НА ДЕЦА КОИ НЕ ПРИМИЛЕ НИТУ ЕДНА ВАКЦИНА, ВЕЛИ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНИЦЕФ
Б. НЕСТОРОСКА