Инспектори на Пазарната инспекција во саботата вечерта упаднале на свадба во објект специјализиран за масовни забави на периферијата на Битола во потпелистерието. Дежурната екипа на државниот пазарен инспекторат добила пријава и фотографии од граѓани дека во еден од познатите битолските ресторани се прави свадба со стотина гости. Фотографиите кои ги добиле инспекторите, гостите на свадбата си ги објавувале на социјалните мрежи со честитки за среќен брак на младенците.
Овој пример за прекршување на мерките за заштита од коронавирусот и протоколите за работа на угостителски објекти денеска бил посочен и на седницата на Комисијата за заразни болести. Било речено дека до сега Битола се држела одлично во спречувањето на заразата од КОВИД-19 и дека вакви масовни собири можат да ги зголемат бројките. Според последните информации, во Битола има 11 активни случаи на КОВИД-19, а до сега од почетокот на епидемијата се регистрирани 40 случаи.
„Инспекторите веднаш излегоа на терен, направен е записник и поднесена е кривична пријава до Обвинителството кое треба да изрече казни за организаторот на свадбата според членот 205 и 206 за непочитување на препораките на Владата за спречување на ширење на коронавирусот. Во ресторанот имало околу 100 гости, но ние како Пазарна инспекција не можеме и не смееме да ги легитимираме гостите или да ги казнуваме за групирање, тоа е работа на полицијата“, велат од Државниот пазарен инспекторат.
Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат велат дека во однос на свадбата во Битола немаат кластер, но напоменуваат дека за тоа сѐ уште е рано и доколку на свадбата имало позитивно лице може да се очекува да се појават заболени и нов кластер за десетина дена.
„Навистина не можам да разберам како луѓето и покрај сите забрани, препораки и апели, се собираат и организираат не само свадби туку и крштевки, мекици, матури. Ваквите собиранки се шлаканици за сите медицински лица и едно големо лицемерие“ вели директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Сотировска-Бухова.
А. АНТЕВСКА