СО ИНТЕРВЕНТЕН УВОЗ ЌЕ СЕ КУПУВААТ ТАБЛЕТИ ПРОТИВ МАЛАРИЈА

    СО ИНТЕРВЕНТЕН УВОЗ ЌЕ СЕ КУПУВААТ ТАБЛЕТИ ПРОТИВ МАЛАРИЈАГодинава во Македонија нема регистрирано случај на заболен од маларија, а во последните 10 години Институтот за јавно здравје регистрирал 27 случаи на заболени, кои се заразиле по престој во странска земја (Фото: СДК.МК)

    Здравствените власти бараат компанија од која со интервентен увоз ќе набават таблети против маларија, бидејќи на тендерот за набавка не се јавиле доволен број фирми. Таблетите треба да ги земат оние лица кои планираат да патуваат во африкански и азиските земји, каде може да се заразат од оваа болест. Маларијата во Македонија е искоренета, а според податоците од Институтот за јавно здравје во последните 10 години регистрирани се вкупно 27 случаи на заболени, кои болеста ја добиле по престој во странство.

    „Станува збор за популација која патува во африканските земји. Го нотиравме недостатокот и се обидовме да направиме контакт со некои компании кои вршат увоз. Дел од нив не беа заинтересирани, оти станува збор за мала количина. Бараме компанија од која со интервентен увоз ќе се обезбедат таблети против маларија“, кажа Венко Филипче, министер за здравство.

    Оваа терапија во центрите за јавно здравје во моментов ја нема. На годишно ниво центрите за јавно здравје набавуваат терапија за околу 1.000 луѓе.

    Годинава во Македонија нема регистрирано случај на заболен од маларија, а лани во институтот за јавно здравје регистрирале 6 случаи на заболени.

    „Во 2017 година се регистрирани 6 случаи на импортирана маларија со инциденца од 0,3 случаи на 100.000 жители, од кои еден почина. За периодот од претходните 10 години заболувањето се регистрира со поединечни случаи. Пријавени се вкупно 27 случаи на маларија, и сите се импортирани, односно заболувањето е стекнато надвор од Македонија. Во овој десетгодишен период, регистрирани се три смртни случаи, по еден во 2009, 2014 и 2016 година“, вели д-р Владимир Микиќ од институтот за јавно здравје.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира