ИНЦИДЕНТОТ ВО ПОЛСКА НЕ Е НАМЕРЕН НАПАД, НО РУСИЈА ЈА СНОСИ ОДГОВОРНОСТА, КАЖА НАТО

    ИНЦИДЕНТОТ ВО ПОЛСКА НЕ Е НАМЕРЕН НАПАД, НО РУСИЈА ЈА СНОСИ ОДГОВОРНОСТА, КАЖА НАТОАмбасадорите на НАТО одржаа итен состанок по вчерашниот инцидент во кој загинаа две лица (Фото: Фејсбук)

    Полска и НАТО ги намалија грижите за можна ескалација на војната во Украина, заклучувајќи дека вчерашната експлозија во пограничното полско село Пжеводов не бил руски напад, туку е резултат на залутан проектил од украинската противвоздушна одбрана.

    Амбасадорите на НАТО денеска одржаа итен состанок по инцидентот во кој загинаа две лица на територијата на западната воена алијанса.

    „Според информациите што ги имаме, тоа беше ракета ‘С-300‘ направена во Советски Сојуз, но нема докази дека била лансирана од руската страна. Голема веројатност е дека била испукана од украинската противвоздушна одбрана“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда.

    Со него се согласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој кажа дека нема назнаки дека Русија подготвува воена акција против НАТО.

    „Истрагата е во тек, но нема назнаки дека ова бил намерен напад. Сепак, Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи инцидентот е директен резултат на тоа што таа ја продолжува својата незаконска војна против Украина“, изјави Столтенберг.

    Тој порача дека НАТО ѝ изразува силна поддршка на Полска, но и дека мора дополнително да се засили украинската противвоздушна одбрана.

    „Украина има право да се брани, но НАТО не е учесник во војната помеѓу двата соседа“, нагласи Столтенберг.

    Украина побара директен пристап до местото на инцидентот и повика на заедничка истрага.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира