ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ЗА ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ ВО СТРУМИЦА ДОБИ 30 ДЕНА ЗАБРАНА ЗА РАБОТА ОД МВР

    ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ЗА ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ ВО СТРУМИЦА ДОБИ 30 ДЕНА ЗАБРАНА ЗА РАБОТА ОД МВР„Комисијата за надзор на работата на испитните центри, на 1 март изврши надзор над работата на испитнито центар Ас Струмекс и предложи времена мерка за забрана на работата во траење од 30 дена. На 16.05 стапи во сила забраната а во следните 30 дена испитниот центар треба да ги острани недостатоците“, велат од МВР (Фото: СДК.МК)

    Испитниот центар во Струмица доби забрана за работа, кандидатите за возачка да полагаат во други центри велат од МВР. Нов шок за кандидатите за полагање возачка дозвола од Југоистокот.

    Струмичкиот испитен центар „АС Струмекс“, кој цели пет месеци не работеше и ги чекаше законските измени оти немаа лиценцирани испитувачи, од МВР доби забрана за работа во траење од 30 дена. Ова значи дека и во следниот месец лицата што чекаат да добијат возачка дозвола нема да можат да полагаат во центарот во Струмица кој го покрива Југоисточнито Регион, од Радовиш до Валандово.

    „Комисијата за надзор на работата на испитните центри, на 1 март изврши надзор над работата на испитниот центар ‘Ас Струмекс’ и предложи времена мерка за забрана на работата во траење од 30 дена. На 16.05 стапи во сила забраната, а во следните 30 дена испитниот центар треба да ги отстрани недостатоците“, соопшти МВР

    Од таму не прецизираа кои недоследности ги констатирале при контролата, направена по реакции од кандидатите оти „АС Струмекс“ своеволно на 30 ноември минатата година го прекинала полагањето.

    Во Струмица веќе половина година нема полагање за возачка. Повеќе од илјада кандидати кои ја завршија обуката по автошколите чекаат да излезат на завршниот практичен и теоретски испит за да добијат документ за положен возачки испит. Од МВР велат дека кандидатите, испитот сега може да го пријават во друг испитен центар.

    „Од денот кога стапи на сила забраната, согласно член 291 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, создадени се услови кандидатите за возачи да го пријавуваат возачкиот испит во испитен центар надвор од нивното живеалиште, односно пријавено престојувалиште по нивен избор“, стои во информацијата од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Ова значи дека кандидатите кои ја поминале обуката, завршниот испит може да го полагаат во останатите испитни центри и тоа во Штип, Велес, Скопје, Битола, Охрид, Тетово и Куманово со што се изложуваат на дополнителни трошоци.

    „Ова го нема никаде. Половина година да чекаме за полагање и сега да не праќаат во друг испитен центар надвор од Струмица. Прво викаа дека комисијата немала лиценци и ги чекале законските измени. И само што ги донесоа сега забрана за работа“, коментираа кандидатите.

    Лиценцата за работа на струмичкиот испитен центар истекува во август, по што МВР ќе распише нов оглас за лиценца кој да врши полагање за возачка дозвола во Југоистокот.

    „Ас Струмекс“ изминативе пет месеци не вршеше испитување оти членовите на комисијата немаа лиценци како што бараше старото законско решение, па ги чекаа измените на законот кои беа донесени на 2, а стапија на сила на 16 мај. Но тогаш, место да бидат објавени термини за полагање, испитниот центар доби забрана, според нашите информации бидејќи немал полигон во подружницата во Валандово.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира