ИТНО ЌЕ СЕ НАБАВИ ИНСУЛИН ЗА ДА НЕ СНЕМА

    ИТНО ЌЕ СЕ НАБАВИ ИНСУЛИН ЗА ДА НЕ СНЕМА„Со постоечкиот договор за набавка на инсулин, склучен во август 2016 година, во моментов има доволни количини од сите инсулини, но залихи од новорапид има за уште месец и половина“, вели државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев (Фото: СДК. МК)

    За да нема недостиг од инсулин Министерството за здравство ќе прави интервентен увоз. Ова денес го кажа државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев, кој рече дека со постоечкиот договор за набавка на инсулин, кој е со важност од август 2016 до август 2018 година, во моментов има доволно инсулини, но дека залихи од набавените количини од инсулинот новорапид има за уште месец и половина.

    „Во моментов сите типови на инсулини ги има во земјава. Проблем има само со новорапидот, кој што го имаме за само месец и половина. Веќе бараме начин да набавиме количина со интервентен увоз, која ќе биде доволна за оној вакуум месец и половина до август, кога и ќе се отвори новата јавна набавка и ќе се склучи нов договор за набавка на инсулини“, рече Милошев.

    Тој објасни дека редовната тендерска постапка за набавка на инуслин сè уште не е почната, и дека огласот треба да се распише следниот месец, а нов договор за набавка ќе има веќе од август.

    „Со интервентниот увоз ќе го покриеме тој вакуум. Ќе ги покриеме потребите на граѓаните и ниту еден пациент нема да остане без инсулин“, рече Милошев.

    Од здруженијата на пациенти со дијабетес велат дека во моментов имаат терапија и дека нема недостиг од инсулин.

    „Ни кажаа дека сега има залихи, но за да не се случи да снема итно ќе набават. Тоа е во ред, бидејќи не смее ниту еден пациент да остане без терапија“, велат пациентите со дијабетес.

    Тие објаснуваат дека со претходната тендерска постапка, која беше распишана во време на ексминистерот Никола Тодоров, направени биле погрешни проценки за потребните количини од овој вид инсулин, за сметка на другите хумани инсулини, кои се позастарена терапија, без да се води сметка за тоа колку пациенти со кој вид инсулин се лекуваат.

    Венко Филипче, министер за здравство, вели дека следниот тендер за набавка на инсулин ќе се прави по новите правила, кои се предвидени со измените на Законот за лекови и медицински помагала во делот на паралелниот увоз. Законските измени се во собраниска процедура, и го минаа делот од прво читање.

    „Сè што ќе се набавува ќе биде со барање сертификат за квалитет од производителот. Следниот двегодишен тендер за набавка на инсулин секако ќе биде со барање за овие сертификати, но и со барање тој што ќе го добие договорот однапред да обезбеди резерви за три месеци, за да не ни се случуваат веќе вакви работи“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира