Претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собранието побара правда наместо реваншизам, побара мерки против загадувањето, ги обвини медиумите дека шират лажни вести, дека законот за употреба на јазикот е противуставен.
Претседателот Иванов, го поздрави усвојувањето на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, но, рече дека нејзиното воведување донесува и одредени контроверзии, преку неконвенционалната дефиниција на родот.
„Внимателна анализа покажува дека нејзината ратификација со себе носи и одредени ризици. Преку родовата перспектива, Конвенцијата воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт што е независен од биолошкиот пол, и што може да се менува според волјата“, рече Иванов, пред пратениците во Собранието во годишното обраќање.
Претседателот Иванов смета дека со воведувањето на ново поимање на родот и полот без отворена јавна дебата со родители, педагози, психолози и сите оние кои се вклучени во образувањето на младите, ќе доведе до наметната толеранција, без вистинско и искрено почитување на различноста.
Претседателот Иванов побара да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април.
„Правдата завршува таму каде реваншизмот започнува. Затоа, потребна ни е правда наместо реваншизам. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и прав кои мора да се почитуваат-правото на одбрана, имунитет и презумција на невиност. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси, бидејќи дел од нивните барања беа и мои барања“, рече Иванов.
Г. ТРПЕНОСКИ