ИВАНОВ ПОВИКА НА БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ВО ГОВОРОТ ВО ОН ВО ЊУЈОРК

    ИВАНОВ ПОВИКА НА БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ВО ГОВОРОТ ВО ОН ВО ЊУЈОРКПретседателот Ѓорге Иванов од говорницата во ОН уште еднаш повтори дека на 30 септември нема да гласа на референдумот за името, а од граѓаните побара да донесат правилна одлука (Фото: Фејсбук на Претседател на РМ)

    Претседателот Ѓорге Иванов во говорот на 73. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк попладнево рече дека со Договорот за името со Грција се прекршува правото на самоопределување и ги повика земјите членки кои веќе ја признале Македонија под уставно име да не ја менуваат својата одлука. Тој обраќајќи се на македонските граѓани истакна дека гласањето на референдум е право, а не обврска и дека никој не може да биде повикуван на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот. Уште еднаш повтори дека на 30 септември нема да гласа на референдумот за името, а од граѓаните побара да донесат правилна одлука.

    „Грција со Договорот од Преспа наметнува ново име и бара истото да се применува ерга омнес и за надвор и за дома. Предвидено е Македонија да го промени Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобри измените. Грција ќе добие постојан надзор како ние ќе се именуваме себеси, но и како вие членките на ОН ќе ни се обраќање“, рече Иванов.

    „Ако референдумот успее ќе бидеме држава само по име, а не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на животот. Но доколку не е успешен, тогаш се отвора нова можност, можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на фундаменталното право на самооопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста“, рече Иванов.

    Иванов на Генералното собрание на ОН говореше на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира