Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека и покрај тоа што не бил постигнат консензус со ВМРО-ДПМНЕ околу датумот за одржување на избори, избори на 21 јуни ќе има. Според него, избори мора да се одржат во јуни бидејќи никој не гарантира дека во септември нема да има втор бран на вирусот, а сега епидемијата е под контрола и има услови за одржување.
„Комисијата за заразни болести кажа дека се исполнети сите услови за одржување на изборите. Отворањето на границите, патувањата и враќањето на голем број граѓани во земјава, влез на странски државјани во земјава, почеток на новата учебна година и сезоната на грип, се ризик фактори за враќање на епидемија и зголемување на бројот на пациенти. ОБСЕ/ОДИХР велат дека стојат на располагање да испратат набљудувачи кога ќе одредиме датум“, рече Заев.
Заев кажа дека Мицкоски мисли само на партиската фотелја, ги одолговлекува изборите оти се плаши од пораз и сака државата да ја поведе до политичка криза. Тој, како што рече Заев, барал да се гарантира дека во август и септември нема да има починати и бројот на заболени ќе биде под 5 лица дневно.
„Член 43 став 6 од Изборниот законик кои сите партии го изгласаа кажува дека МВР во рок од еден ден треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на одржување на изборите и ДИК овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. Бегање од избори нема, 21 јуни е терминот според роковите кои течат. Во 2012 и 2014 година тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ го распушти Собранието и распиша избори. Нас никој не нѐ праша“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА