На македонската демократија ѝ требаат стабилни институции и затоа избори мора да има во првиот можен рок, кажа техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција за укинување на рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот.
Спасовски кажа дека вирусот не е мртов и тој ќе биде присутен додека не се открие вакцина, а во наредниот период ќе имаме ново секојдневие и ќе мора да научиме да живееме со почитување на мерките за лична заштита.
„Потребно е враќање на институциите во нормален колосек, потребно е функционално Собрание. Во оној момент кога ќе заврши вонредна состојба, за 22 дена мора да се одржат избори. Затоа изборите треба да се реализираат во првиот можен рок кога ќе се создадат услови. Мораме што е можно побрзо да обезбедиме нова нормала. Сите кои се спротивставуваат на ова, допринесуваат земјава да биде во здравствена и економска криза“, рече Спасовски.
Спасовски не одговори на прашањето дали Владата ќе побара продолжување на вонредната состојба која истекува на 30 мај.
Политичките партии на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски не се договорија за датум за одржување на избори. Лидерот на СДСМ Зоран Заев предложи изборите да се одржат на 21 јуни, додека ВМРО-ДПМНЕ бара тие да се одржат кон крајот на август или почетокот на септември бидејќи секојдневни имало нови случаи на заразени со КОВИД-19.
А. АНТЕВСКА