По говорот на домаќинот, премиерот на Грција Алексис Ципрас, македонскиот премиер Зоран Заев, непосредно пред потпишување на договорот со Грција во Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспа, им се обрати на противниците на договорот за решавање на спорот со името:
„Противниците на овој договор треба да знаат: Нашите општества, македонското и грчкото, се дел од европскиот систем на вредности. Нашите граѓани едноставно ги заслужуваат мирот, демократијата, владеењето на правото, економскиот просперитет… Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Противниците на овој договор имаат право на свое мислење и став. Тоа е европски манир. Исто како што е европски манир да му дадеме шанса на понуденото решение“, рече Заев.
Тој му се заблагодари на колегата Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, а особено на посредникот на ОН Метју Нимиц на кого му рече:
„Посветивте три децении од својот живот на преговорите за решавање на спорот и тоа е за респект и поклон. Имаме чест денеска на вашиот роденден да го потпишеме договорот. Благодарам и на големата поддршка од САД и од НАТО, од шефовите на владите на соседните земји“, рече Заев и заврши:
„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на еден спор којшто не делеше, и избравме решение што нè обединува. Сега, и нека биде така засекогаш“.