Основниот суд Скопје 1 потврди дека на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, обвинети во „Титаник“, им е определена мерка притвор во траење од 30 дена на предлог на Специјалното јавно обвинителство. Од судот велат дека oдлуката е донесена затоа што сега постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство. Поранешниот министер за транспорт и врски и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ од утринава се во истражниот затвор во Шутка, еден ден од откако од Будимпешта кае бара политички азил се јави побегнатиот осуден пратеник и експремиер Никола Груевски, кој, исто така, е обвинет во „Титаник“ за тешки избори нерегуларности. Досега, на Јанакиески и Божиновски им беа изречени поблаги мерки за обезбедување присуство.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за определување мерки за обезбедување присуство против М.Ј. и К.Б. опфатени во предметот со КОК бр. 7/18 од обвинителството означен како „Титаник“, по ценење на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст. 1 точка 1. од ЗКП односно ’ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство‘“, соопшти судот.
За случајот „Титаник“, утринава е закажано ново судско рочиште.