“Немам контрареплика. Ќе ви одговорам подоцна. Ги запишав прашањата, ќе одговорам“, е одговорот на Специјалната обвинителка Катица Јанева на прашањата кои денеска ѝ ги поставија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и независните пратеници во собраниската Комисија за политички систем, во врска со Извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство и за истрагите што ги почна тоа во периодот од 15 март до 15 септември оваа година. Таа рече дека ќе ги даде одговорите откако ќе завршат сите прашања. Расправата денеска беше прекината околу 15 часот поради обврски на Јанева и беше дадена пауза до 16.30. Седницата треба да продолжи да работи денеска до 18 часот.
Членовите на Комисијата за политички систем од ВМРО-ДПМНЕ преку реплики на кусиот настап на Јанева, всушност, ја обвинија дека работи селективно во корист на СДСМ, поведувајќи истраги само против функционери од нивната партија, бараа отчет како ги води истрагите, колку ги плаќа експертите, дали повела постапка за да открие каде се уште половина милион разговори од прислушуваниот материјал. Во присуство на државниот обвинител Марко Зврлевски во салата, пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, место него ја праша Јанева колку чини училишниот превоз во Струмица.
Неговиот сопартиец Илија Димовски во реплика на Јанева ѝ кажа дека нема атмосфера да се продолжи законскиот рок од 18 месеци за водење на истрагите во СЈО и за поднесување обвинение. Во замена за продолжување на рокот за истрагите, на Јанева ѝ понуди поголем број обвинители.
Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов побара Јавното обвинителство на РМ и обвинителот Марко Зврлевски да не го блокираат работењето на СЈО, изрази жалење што Зврлевски не ја заштити, како што кажа, Македонија од криминалците на власт, поради што мораше државата да се ресетира и да се формира обвинителство што ќе го гони криминалот во врвот на власта. На Јанева ѝ се обрати дека е разочаран “од малиот број поднесени обвиненија, и покрај опструкциите со кои се соочува во работата“.
Потпретседателката на Собранието Рената Десковска од Извештајот ги читаше отворените истраги „Титаник“, „Тврдина“ и „Тортура“, поради што негодуваа членовите на Комисијата од владејачкото мнозинство. По ова, таа реагираше дека ѝ се цензурира говорот во Собранието и упати да се споредат извештаите на Јанева и на Зврлевски, каде, како што рече, се гледа колку барања за притвор Основниот суд Скопје 1 одобрил за случаите на Зврлевски, а колку за случаите на СЈО, обвинувајќи го овој суд дека “го штити криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ“.