Специјалната обвинителка Катица Јанева, по прекинот на рочиштето против обвинетиот за насилствата во Општина Центар Никола Груевски и уште 15 обвинети, најави не само кривична пријава против судијката Татјана Михајлова за фалсификат на записникот, туку пријавување во Судскиот совет и покренување постапка за нејзино разрешување.
Обвинителката Фатиме Фетаи, која е застапник на обвинението на СЈО против експермиерот Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште двајца советници од ВМРО-ДПМНЕ како нарачатели и против уште 11 обвинети за извршување на насилствата во јули 2013 во Центар, објасни каде Михајлова, која е в.д. претседателка на Основниот суд Скопје 1, го фалсификувала записникот од претходното рочиште:
“Кога јас и одбраната се изјаснувавме по однос на употребливоста на незаконски следените комуникации, јавноста беше исклучена . Потоа, кога новнарите се вратија, судијата со тивок глас прочита дел од она што беше кажано од наша страна. Во записникот е наведена сосема обратна ситуација, дека јас сум се произнела во присуство на јавноста и дека јавноста била исклучена единствено во делот кога се слушале аудиоснимките, што не е воопшто точно“.
Фетаи пред да се прекине судењето на судијката Михајлова ѝ рече дека ако не му ги даде аудиовизуелните снимки на СЈО за да докаже фалсификат во записникот, ќе ги викне за сведоци новинарите, кои цел ден преседоа надвор и не ги слушнаа излагањата на обвинителството и на одбраната.
Oбвинетиот експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на излегување од Основниот суд Скопје 1, го искритикува денешното рочиште: “Денеска дојдов до суд, но ова што го видов личеше многу повеќе на театар“.
С. К. ДЕЛЕВСКА