ЈАНЕВА РЕВОЛТИРАНА ШТО ЈАВНОСТА НЕ СЛУШНАЛА ДЕКА ВО „РЕКЕТ“ ИМА ПОТКУП ОД КАМЧЕВ, А НЕ РЕКЕТ ОД НЕА, РУСКОВСКА ЈА УПАТИ ДА ПРОЧИТА ЗА ШТО ЈА ОБВИНИЛА

    ЈАНЕВА РЕВОЛТИРАНА ШТО ЈАВНОСТА НЕ СЛУШНАЛА ДЕКА ВО „РЕКЕТ“ ИМА ПОТКУП ОД КАМЧЕВ, А НЕ РЕКЕТ ОД НЕА, РУСКОВСКА ЈА УПАТИ ДА ПРОЧИТА ЗА ШТО ЈА ОБВИНИЛАОд четврток настапува одбраната со свои сведоци и контрадокази со кои ќе се обиде да го подрие или урне обвинението на Обвинителството за организиран криминал и корупција. - Катица Јанева; Вилма Русковска (Фото: СДК.МК)

    Не помогнаа молбите на Бојан Јовановски и Катица Јанева, обвинети за рекет врз Орце Камчев, новинарите да останат во судница денеска кога се пуштаа смс пораки што особено за неа се клучни да се види дека сведокот Камчев всушност нудел поткуп за да се ослободи од кривична одговорност во „Империја“. Јавноста во последен момент беше извадена два ипол часа надвор додека се презентираше таа конверзација.

    Обвинителката Вилма Русковска вчера на новинарско прашање, ја потсети Јанева да види за што е обвинета. Дека не е обвинета за рекетирање и перење пари како Бојан Јовановски, туку за злоупотреба на службената положба и овластувањата што ги имала како Специјален обвинител на Македонија, кога веќе толку полемизира во судница дали Орце бил рекетиран или давал поткуп.

    Јанева го прифатила влијанието на Јовановски и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување.

    Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата Јанева до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, предлог што бил прифатен од страна на судот, стои во обвинението на Русковска.

    „Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот“, се наведува во обвинителниот акт.

    Со преземените службени дејствија, Јанева ја искористила и ги пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.

    И додека Русковска ја советува колешката, како што ја нарекува Јанева, да си гледа таа за какво кривично дело е обвинета, Јанева упорно тврди дека од денешните разговори што не ги слушна јавноста тргнува нејзината одбрана. Новинарите пред судницата слушаа како таа вика внатре до последен момент дека е оштетена што не чула јавноста како Камчев ја навредувал, не жалел пари биде спасен од „Империја“ и оти таа не потпаднала под неговите притисоци и натурања.

    Од четврток настапува одбраната со свои сведоци и контрадокази со кои ќе се обиде да го подрие или урне обвинението на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари