ЈАС СУМ ОБВИНИТЕЛ И КОГА РАЗГОВАРАМ СО ОСОМНИЧЕНИ ПО ТЕЛЕФОН, ЗА ИЗЈАВАТА ИМАШЕ ОПРАВДАНА ПРИЧИНА, ВЕЛИ ЈАНЕВА ЗА СНИМКАТА СО КАМЧЕВ

    ЈАС СУМ ОБВИНИТЕЛ И КОГА РАЗГОВАРАМ СО ОСОМНИЧЕНИ ПО ТЕЛЕФОН, ЗА ИЗЈАВАТА ИМАШЕ ОПРАВДАНА ПРИЧИНА, ВЕЛИ ЈАНЕВА ЗА СНИМКАТА СО КАМЧЕВСпецијалната обвинителка Катица Јанева вели дека контактира со сите осомничени во истрагите на СЈО во обид да извлече што поголем број на информации. - Јанева на прес-конференција во СЈО (Фото: К. Попов)

    Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека таа како обвинител има обврска да контактира со сите осомничени во истрагите на СЈО за да се обиде да извлече информации, а за изјавата во најновата снимка објавена од италијанскиот весник „Ла Верита“ кажа дека имало оправдана причина. Во снимката од разговор меѓу Орце Камчев, осомничен во „Империја“, и Бојан Јовановски – Боки 13, осомничен во „Рекет“, се слуша женски глас од телефонот на Боки 13, за кој италијанскиот новинар вели дека се работи најверојатно за Јанева, и му вели на Камчев да не се секира за ништо, дека сè ќе биде ок.

    „Ја слушнав снимката, објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот „Рекет“. Фрапирана сум како моите постапки како специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот ’Рекет‘. Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на информации како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, вели Јанева во нејзината изјава објавена на сајтот на СЈО.

    Таа во изјавата повторно ги спомна десетината истраги на СЈО, кои според неа се подготвени за брзо процесирање, велејќи дека по нивното презентирање многу нешта ќе бидат појасни за јавноста.

    „Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случаи“, кажа Јанева.

    Таа најави дека откако ќе се вратат сите обвинители од Јавното обвинителство од годишен одмор, пред донесување на Законот за Јавно обвинителство, ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО.

    „Тоа е моја обврска и задача која ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка координација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО, да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото“, вели Јанева.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари