ЈАВНАТА ЗАКАНА СО ТУЖБИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ Е СЕРИОЗЕН ПРИТИСОК КОН НОВИНАРИ И МЕДИУМИ, ВЕЛИ ЗНМ ВО ОСУДАТА ЗА ЗАКАНИТЕ КОН САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК

    ЈАВНАТА ЗАКАНА СО ТУЖБИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ Е СЕРИОЗЕН ПРИТИСОК КОН НОВИНАРИ И МЕДИУМИ, ВЕЛИ ЗНМ ВО ОСУДАТА ЗА ЗАКАНИТЕ КОН САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК„Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата“, вели ЗНМ и додава дека лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави; - Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија. (Фото: Агенција за филм)

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), повторно ја осудува непримерната јавна комуникација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија која на сличен начин како и пред 20 дена, преку непотпишано соопштение објавено на 27 јули, јавно се пресметува со онајлн медиумите САКАМДАКАЖАМ.МК, МКД.МК И РАДИОМОФ.МК.

    „Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата“, вели ЗНМ и додава дека лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави.

    „Потсетуваме дека менаџери на институции кои се финансирани од граѓаните како и на лица кои се именувани од страна на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Доколку одговорните лица од Агенцијата сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела или да побараат исправка и демнат. Исто така, ги потсетуваме нашите колеги дека ако им е потребна бесплатна правна помош со цел штитење на нивните права во вршење на професионално новинарство дека ЗНМ стои на располагање“, вели ЗНМ.

    Агенцијата за филм се заканува со кривични пријави во врска со истражувачките новинарски текстови за неправилностите во работата на оваа државна институција, кои се предмет и на истрага на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Поради утврдените прекршувања на законот, ДКСК на прес-конфереција на 23 јули 2020 објави и дека до Владата поднела иницијатива за утврдување на одговорност на в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија.

    На 27 јули, од страна на ПР агенцијата „Навигаторс“ до медиумите од име на Агенцијата за филм беше лиферувано непотпишано соопштение за јавност на меморандум во кој од едната страна стои логото на Агенцијата, а од другата страна логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор, насловено „Нема конфликт за интереси во Агенцијата за филм, утврди Министерството за култура, Антикорупциска ќе ја стопира истрагата“. Во соопштението кое го пренесе и државната Медиумска информативна агенција МИА, меѓудругото Агенцијата за филм се заканува со кривични пријави и ги дискредитира независните истражувачки медиуми САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК и МКД.МК за наводно нарушување на угледот на Агенцијата поради истражувачките текстови со кои се укажа на неправилностите во работата на Агенцијата како и за истрагата на ДКСК.

    Министерството за култура вчера најостро реагираше на соопштението на Агенцијата за филм оти незаконски го искористи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор и ја доведе јавноста во заблуда, и кажа дека ќе побараат одговорност и очекуваат Агенцијата за филм да се извини.

    Со оглед дека станува збор за државна институција чиј директор, претседател и членови на управниот одбор ги именува Владата, САКАМДАКАЖАМ.МК и другите две нападнати редакции побараа Владата да постапи и да ја утврди одговорноста за злоупотребата на нејзините ресурси заради закани кон медиумите. Од Владата нема реакција.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира