КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО ФАТЕН КАКО КУПУВА ГЛАСОВИ СО БЕКАТОН ПЛОЧКИ

    КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО ФАТЕН КАКО КУПУВА ГЛАСОВИ СО БЕКАТОН ПЛОЧКИСпоред фатениот поткуп, глас на овие избори чинел 3.000 денари. - Од гласањето на вчерашните локални избори во Тетово(Фото:СДК.МК)

    Тетовското обвинителство собира докази за кривично дело Поткуп при избори и гласање против еден од кандидатите за градоначалник, откако бил фатен како подмитува гласачи со бекатон плочки.

    „Поткупот го вршел кандидат за градоначалник со бекатон плочки“, вели обвинителството, без да каже кој од седуммината кандидати е осомничен.

    Во ОЈО Скопје оформени се три предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето. Се води постапка за пукање од огнено оружје за време на митинг на политичка партија во текот на изборната кампања, но против непознати сторители. МВР треба да ги идентификува пукачите, вели обвинителството.

    Предмет е оформен и по доставено известување од МВР за сторено кривично дело „Изнуда“ од страна на засега непознати сторители кон лице од кандидатската листа за советници на една политичка партија за Град Скопје. На оштетениот му биле испраќани пораки, меѓу нив и порака каде се спомнува бомба.

    На гласачко место во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, лице при остварување на правото на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Осомничениот бил уапсен, ќе одговара за Уништување на изборен материјал.

    На 17.10.2021 година од претседател на избирачки одбор на избирачко место во Демир Капија, било пријавено дека пијано лице дошло да гласа, но зад параванот го искинал едното гласачко ливче. Другото го ставил в џеб, па заработил кривична пријава за Уништување на изборен материјал.

    На овие избори глас чинел 50 евра, според случаите кои се фатени. ОЈО Свети Николе отворило истрага против давател на поткуп за гласање, но и против 4 лица кои биле фатени дека примиле по 3.000 денари од него на 15 октомври 2021 година во општина Лозово. Поткупот бил за гласање за независен кандидат.

    Предмет за извршен поткуп е оформен и во ОЈО Делчево, по добиено известување дека на 16.10.2021 година, на Градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник од политичка партија му дал 3.000 денари на едно лице заедно со брошура. Парите од лицето кое ги примило биле одземени, брошура не постои.

    Најмногу работа имало Кочанското обвинителство. За Повреда на слободата на определување на избирачите под истрага се две лица кои се заканувале на граѓани дека ќе летаат од работа ако излезат на гласање. Фатени и пријавени се повеќе лица како агитираат за гласање, други се под истрага дека вршеле организиран превоз на гласачи до избирачко место во Кочани, а поднесена е кривична пријава и против носителка на советничката листа, која на избирачко место вршела поткуп на гласачи.

    Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет против едно лице за сторено кривично дело Уништување на изборен материјал од Кривичниот законик. Осомничениот на избирачко место во село Октиси го искинал своето гласачко ливче.

    Во гостиварското обвинителство се прибираат материјални и вербални докази во оформен предмет за сторено кривично дело Повреда на тајноста на гласањето. На избирачко место во Гостивар гласач го сликал своето гласачко ливче, по што бил забележан од членовите на Избирачкиот одбор и делото било пријавено.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира