Како може за судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 во Основниот суд Скопје 1 да се закажат 55 рочишта однапред, а за толку обемен предмет како што е „Титаник“ да биде закажано само едно, праша денеска специјалната обвинителка Катица Јанева на презентацијата на ОБСЕ за судските процеси на случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Јанева го искритикува Врховниот суд, кој место да одлучи веднаш за притворот на Горан Грујевски и Никола Бошковски, го пролонгираше рокот за овие главни обвинети за масовното прислушување добијат инсајдерски информации и избегаат од државата. Апелираше Апелациониот суд Скопје да ги забрза постапките во врска со предметите на СЈО кои се таму во втор степен.
„Прашањето за амнестијата на која се повикуваат обвинетите, судовите треба добро да ја образложат, повикувајќи се на европската пракса. Не да ја игнорираат“, смета поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Мирјана Лазарова-Трајковска.
Вишиот офицер за владеење на правото при ОБСЕ Мишел Принс, пак, се обиде да ја разбуди законодавната власт, Собранието.
„Законите ја оневозможуваат одговорноста на осомничени лица за корупција. 12 тековни истраги во моментов се водат во Специјалното обвинителство, чија што судбина е неизвесна. Затоа законодавството треба да направи измени во актуелните закони кои се однесуваат на работата и мандатот на ова обвинителство“, рече Принс.
Освен една изјава од заменикот-министер за правда пролетта, дека статусот на СЈО ќе биде решен на крајот на 2018 и оти СЈО ќе гони и актуелна висока корупција во сите три власти, со месеци нема буквално никаков сигнал дека партиите преговараат, се договараат за ова, а уште помалку дека се прави драфт верзија на законски измени.
С. К. ДЕЛЕВСКА