Триесет газди на фирми се казнети поради непочитување на одлуката на Владата за заштита од топлото време, односно да не се работи на отворено од 11 до 17 часот. Како што кажа денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, минатата недела се извршени 164 надзори најчесто во дејности каде што изложеноста на топлина е најголема.
„Државниот инспекторат за труд постојано е на терен, при што од вкупниот број на надзори, кај 30 работодавачи биле изречени забрани за вршење на работа. Контролите ќе продолжат и во наредниот период, со оглед дека Владата ја продолжи важноста на мерките за заштита од топлото време“, рече Тренчевска.
Владата вчера донесе одлука бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работа, во установите за згрижување на децата да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а Општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
„Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници“, стои во одлуката од Владата.