ЌЕ БИДЕ ТЕШКО, НО ИНВЕСТИЦИИТЕ СЕ ЕДИНСТВЕН ПАТ ЗА РАЗВОЈ, КАЖА МУКАЕТОВ НА ФОРУМ ВО БЕЛГРАД

    ЌЕ БИДЕ ТЕШКО, НО ИНВЕСТИЦИИТЕ СЕ ЕДИНСТВЕН ПАТ ЗА РАЗВОЈ, КАЖА МУКАЕТОВ НА ФОРУМ ВО БЕЛГРАД„Во последните 20-ина години, нашите инвестиции интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија“, вели Муакетов - Од прославата за 80 години „Алкалоид“. (Фото:СДК.МК)

    Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ Живко Мукаетов на Форумот на менаџери вчера во Белград кажа дека и покрај тоа што глобалната здравствена криза доби и предзнак воена, а потоа и енергетска, и покрај тоа што допрва следи тежок период за компаниите, тие мора да продолжат да инвестираат.

    „Во својата долга историја ‘Алкалоид’ надминал бројни кризи. Но, една од фактичките константи во сите 86 години од работењето на компанијата се инвестициите. Во последните 20-ина години нашите инвестиции интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи над 200 милиони евра во нови капацитети, истражување и развој, опрема, лаборатории, технологија, софтвер и персонал. Историски гледано, во изминатите 2 децении, кои јасно беа обележани со разни кризни предзнаци, продажбите на ‘Алкалоид’ пораснаа од 53 милиони евра во 2005 година на 207,6 милиони евра во 2021 година. Инвестициите ги гледаме како пат кон нашиот раст и развој и планираме да останеме на тој пат”, го кажа Мукаетов принципот на „Алкалоид“.

    Зборуваше и за одливот на мозоци од регионот и кажа дека најзначајните компании во државите, мора и тука да инвестираат.

    „Како столбови на економиите на нашите земји, треба да најдеме начини квалитетните луѓе да ги задржиме тука. Човечките ресурси отсекогаш биле во центарот на вниманието на ‘Алкалоид’ и наш императив е да изградиме компанија каде луѓето ќе бидат задоволни и каде својот потенцијал ќе го вложат кон заеднички успех, бидејќи имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитет се одраз на организациската култура и луѓето пред сѐ“, изјави Мукаетов.

    Зборуваше и за поскапувањето на енергенсите, транспортот, недостигот од суровини и амбалажа, неизвесноста во пласманот и достапноста на основните производи и како тие неминовно ќе се одразат на работењето на компаниите насекаде во регионот. Што, според него, не треба да ги обесхрабри компаниите да инвестираат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира