ЌЕ ГИ ПОНИШТИМЕ ОДЛУКИТЕ НА МРТВ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ПЕСНИ, РЕЧЕ АЛАЃОЗОВСКИ

    ЌЕ ГИ ПОНИШТИМЕ ОДЛУКИТЕ НА МРТВ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ПЕСНИ, РЕЧЕ АЛАЃОЗОВСКИ„Законот прерасна во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници. Поради тоа овој закон е во фаза на укинување, ние ќе ги поништиме донесените одлуки“, рече Алаѓозовски

    Незаконски биле донесени одлуките по конкурсите за финансирање на песни според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, чиј носител била Македонската радио телевизија, соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски денес во Битола.  Тој рече дека Министерството упатило инспекциски надзор кој констатирал дека се длабоко пробиени роковите за носење одлуки кои песни и автори ќе бидат поддржани со овој Закон.

    „Од страна на инспекцискиот надзор, раководството  на МРТ беше предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки со кои се создава штета по буџетот и претставуваат злоупотреба и несовесно работење на службата. Исто така, раководството на МТВ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на законот и нови основи за кривична одговорност“, рече Алаѓозовски.

    МРТ вчера на официјалниот сајт објави повик до наградените автори да дојдат да потпишат договори, но денеска тој повик е симнат од страната на јавниот сервис.

    На последниот конкурс композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски- Принц за три песни. На последниот конкурс кој заврши на 29 декември, потрошени се вкупно 102.000 евра за вкупно 38 песни. Габроски е автор на композиции што вкупно добиле 36.000 евра.

    МРТВ ја објави одлуката за избор на изведувачи односно на нови композиции, за која одлучило жирито во состав Константин Карев (претседател), Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. Конкурсот беше објавен на 30 јуни 2017, а одлуката е донесена на 5 јануари.

    Алаѓозовски најави дека Министерството за култура започна да врши и ретроактивна детална проверка на претходните конкурси, за кои исто така имаат индиции за крупни напревилности. Од првичниот увид во документацијата воочени се повеќе прекршувања. И покрај тоа што Законот предвидувал директорот на  МРТВ по предлог на Комисијата да одлучува во рок од три дена за избор на изведувачи и композициите, одлуката била носена со доцнење од еден до три месеци. Не бил испочитуван делот од Законот кој предвидувал во Комисиите да членуваат музички уредници со работно искуство на таа позиција од пет години. Наместо за пејачи и музички групи, пари се давале и на автори на композиции. Изведувач можел да конкурира со повеќе песни во една категорија, а се случувало да добива средства во повеќе категории.

    Имало и судир на интереси. Така, сопружници биле членови на Комисијата која доделила средства на група во која бил и син на тие членови од Комисијата.

    „Законот не придонесе за зголемување на квалитетот и за развој на музичката индустрија, нити за поголема присутност на домашните автори на нашите медиуми. Прерасна во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници. Поради тоа овој закон е во фаза на укинување, ние ќе ги поништиме донесените одлуки“, рече Алаѓозовски.

    З. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира