КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА АНГАЖИРАЛА КАДАР БЕЗ СОГЛАСНОСТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, НЕМА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ДОНИРАНИТЕ ЛЕКОВИ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ, ВЕЛИ ЗАВОДОТ ЗА РЕВИЗИЈА

    КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА АНГАЖИРАЛА КАДАР БЕЗ СОГЛАСНОСТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, НЕМА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ДОНИРАНИТЕ ЛЕКОВИ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ, ВЕЛИ ЗАВОДОТ ЗА РЕВИЗИЈАДржавниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката за неврологија. (Фото: Министерство за здравство)

    Клиниката за неврологија не ги евидентирала примените и потрошени лекови за ретки болести од донација во материјалната и сметководствена евиденција, се дел од забелешките во извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на установата за 2023.

    „Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“, наведува извештајот.

    Ревизорите, исто така, утврдиле дека во текот на 2023 биле креирани помалку од законски утврдените термини за вршење здравствени услуги со користење на медицинска опрема преку апликацијата „Мој термин“. Биле ангажирани медицински сестри, болничари и шалтерски работници со договор на дело, без согласност на Министерството за финансии, а била утврдена и несоодветна контрола на користење на услугите од Службата за заеднички работи.

    Констатирани се и слабости во планирањето и реализацијата на средствата од условен надоместок за набавка на имуномодулаторна терапија.

    „Потенцираме дека не е обезбедена транспарентност, контрола и следење на активностите и целосна наплата на приходите за Клиниката од клиничките испитувања. Дополнително, во дел од спроведените постапки за јавни набавки била утврдена несоодветна примена на Законот за јавни набавки. А како системска слабост се потенцира тоа што Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството за здравство не се воспоставени во целост“, стои меѓудругото во извештајот на ДЗР.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира