КОЈ ЌЕ ГО НЕГИРА И НАВРЕДИ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД СРЕДЕ СКОПЈЕ, ТОА ЌЕ МУ БИДЕ ПОСЛЕДНО ДОАЃАЊЕ, КАЖА ОСМАНИ ВО СОФИЈА

    КОЈ ЌЕ ГО НЕГИРА И НАВРЕДИ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД СРЕДЕ СКОПЈЕ, ТОА ЌЕ МУ БИДЕ ПОСЛЕДНО ДОАЃАЊЕ, КАЖА ОСМАНИ ВО СОФИЈАПровокациите од двете страни има да престанат уште денеска, кажа Османи (Фото: Принтскрин Новините на БНТ)

    Провокација од политичари кои доаѓаат во Македонија и сред Скопје го негираат македонскиот народ, или го навредуваат македонскиот народ, тоа мора да го прекинеме, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи по посетата во софиската болница денеска на повредениот Х.П., кому во четвртокот му беше скршена вилицата во тепачка, во Охрид.

    „Такво едно доаѓање на лица што го навредуваат и негираат македонскиот народ или припадниците на друга заедница, ќе биде негово последно доаѓање. Како што, и ние нема да дозволиме никој да ја вреѓа бугарската заедница и најмалку пак да покаже насилство. Овие провокации мора да прекинат – денеска!“, кажа Османи, кој беше заедно со колегата Николај Милков.

    Османи уште еднаш силно го осуди нападот, како што рече, на нашиот сограѓанин, на нашиот сограѓанин. Според Османи, таквиот чин на насилство не ги одразува вредностите на граѓаните Македонија, на нашето мултиетничко општество. Пред бројните бугарски новинари неколку пати кажа дека нашата држава ќе се погрижи да има нулта толеранција за насилство за кој било проблем, а особено за меѓуетничкиот соживот кој е нешто свето, што го градиме, рече, 30 години.

    „Мора ние да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата агенда која еве двете влади се обидуваме макотрпно да ја изградиме. Значи бугарската заедница е, и ќе биде почитувана заедница во Македонија, ќе ги имаат сите права и привилегии како и секој друг граѓанин од заедниците и секој Македонец, Бугарин, Албанец, Србин…ќе живеат слободно“, кажа Османи.

    „Но исто така, сакам да упатам и порака дека провокациите кон другите заедници (прво ние нема да дозволиме негирање на  бугарската заедница во Македонија, како што нема да дозволиме негирање и на македонскиот народ.  Затоа сакам да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Република Северна Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Македонија. Значи двете прашања подеднакво мора да ги третираме“, беше дециден Османи.

    Минатата недела, на 14 јануари, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на одбележување на 95 години од смртта на Мара Бунева на Кеј во Скопје, ја нарече актуелната власт србоманска.

    „Тука сме собрани да им кажеме јасно на владејачките србомански политичари дека нема да ги оставиме да ја продолжуваат политиката на геноцид кон Бугарите наложена од Коминтерната и спроведена од Македонија од 7 јануари 1945 година“, кажа Џамбаски од бугарската партија ВМРО-БНД на мегафон, пред стотина Бугари.

    Додаде дека нема да дозволи „продолжување денационализација на Бугарите во Македонија“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира