ЌОРСОКАКОТ ВО КОЈ СЕ НАОЃАМЕ НА ПАТОТ КОН ЕУ ГИ ФРУСТРИРА ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    ЌОРСОКАКОТ ВО КОЈ СЕ НАОЃАМЕ НА ПАТОТ КОН ЕУ ГИ ФРУСТРИРА ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИВо својот говор Пендаровски кажа дека во моментов Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција.(Фото: Кабинет на Претседател)

    Актуелниот ќорсокак во европските интеграции на Северна Македонија ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени, кажа претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

    Во својот говор Пендаровски кажа дека во моментов Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција. Ваквата состојба според него ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи.

    „Како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на Обединетите нации, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот ‘спор за името‘, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот. Ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина. Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани“, кажа Пендаровски во обраќањето во Обединетите нации.

    Претседателот во својот говор се осврна и на пандемијата на ковид-19 од која изминативе речиси две години речиси и да нема држава која не беше сериозно погодена.

    „И покрај разликите меѓу најразвиените земји и сите останати, што за жал повторно испливаа на површина, бевме сведоци на серија одлични примери на солидарност и човечност низ светот. Иако битката не е целосно добиена, конечно можеме да видиме светлина на крајот на тунелот и повторно да се фокусираме на иднината“, рече Пендаровски.

    Пендаровски пред присутните напомена дека Северна Македонија водена од чувството за морална обврска и солидарната одговорност, веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира