КОВАЧЕВСКИ ВО БЕЛГРАД ПОТПИША ЗА БРЗА ПРУГА ДО НИШ, А ЛИНИЈАТА СКОПЈЕ-СОЛУН Е МРТВА

    КОВАЧЕВСКИ ВО БЕЛГРАД ПОТПИША ЗА БРЗА ПРУГА ДО НИШ, А ЛИНИЈАТА СКОПЈЕ-СОЛУН Е МРТВАСиноќа, по обиколката на саемот на вино во Белград, Ковачевски и Александар Вучиќ ја прославија пругата што ќе се гради заеднички. (Фото:А. Вучиќ)

    Премиерот Димитар Ковачевски потпиша во Белград меморандум за брза железничка пруга Скопје–Ниш-Белград која натаму оди до Будимпешта, а моментално поради пукнат столб на Црна Река, не одат возовите Скопје-Солун-Скопје.

    Ковачевски имаше заедничка прес-конференција со претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ, по билатералната средба и потпишувањето „Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси помеѓу Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија и Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија.

    Додека никој не кажува колку ќе трае санацијата на мостот на Црна, Ковачевски во обраќањето визионерски кажа дека меморандумот за соработка се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салзбург, со крак кон Будимпешта. Скопје-Ниш-Белград ќе има и крак за поврзување со Меѓународниот аеродром во Скопје.

    „Се работи за пруга која што треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е како што кажа и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која што ќе биде од Скопје до Солун потоа од Солун до Пиреа и Атина“, рече Ковачевски.

    Во следните две недели, Владите ќе формираат работна група која ќе изготви план со активности со динамика на реализација на овој проект. Ова за Ковачевски е стартна точка од каде се планира да започнеме со модернизација на железничкиот систем во државата.

    А дома, стручните лица не сакаат да зборуваат за временски рок, колку време ќе се врши санација на мостот на реката Црна, кај Стоби. Затоа пак неофицијалните информации кои кружат кај засегнатите е дека за тоа ќе треба повеќе од 40 дена, колку што траеше претходната санација на првиот столб од мостот, кој се оштети октомври месец 2018 година.

    Се зборува за санација во период од најмалку два месеца, и тоа во зависност од временските услови кои може да го зголемат периодот на работа. Но тоа што е познато е дека зголемениот дотек на вод на реката Црна придонел да се наруши стабилноста на столбот кој е оштетен. За тоа дека последните денови имало поголем прилив на вода во реката сведочат и рибарите кои се редовни посетители.

    Во исто време, дома никој не кажува колку ќе трае поправката на мостот на Црна Река кај Стоби, кој поврзува со Солун (Фото:П.Печков)

    „Причината за оштетувањето на мостот на реката Црна кај Стоби на гредите носачи е поместувањето на темелите на едниот, средниот столб, кој се наоѓа во коритото на реката. Тоа предизвикало деформација на горниот дел од мостот, одредени пукнатини и поместување на шините. Тоа било индикатор дека нешто се случило со конструкцијата на мостот“ – вели проф. д-р Горан Марковски декан на Градежен факултет Скопје. Тој објаснува дека ваквите дефекти на темелите, не може да се откријат додека не се случи нешто на другите делови од објектот.

    За подобро да се истражат темелите на столбот, Македонски железници Инфраструктура ангажирале нуркачи од МВР, кои требало да утврдат каква е контактната состојба на темелите со дното на реката Црна. Овие податоци биле потребни за изработка на Проект за санација на мостот.

    Затоа пак железничарите се присетуваат дека порано имало вработени кои пеш оделе по пругата во целата должина, за да констатираат дали е таа во возна состојба. Тие одамна биле повлечени од ваквите работни обврски.

    Оштетувањето на железничкиот мост на Црна Река кај Стоби го актуализира прашањето со Железниот мост кој сега не постои, а бил на десетина метри до оштетениот. Преку него се одвивал сообраќајот се до 70-те години од минатиот век, кога бил изграден бетонскиот, сега оштетениот мост. И тој Железен мост како резерва во случај на оштетување бил чуван се до 2006 година кога беше исечен, иако Македонски железници тврдеа дека тие не дале согласност за тоа . Судот за ова не најде вина кај сторителите.

    Состојбата со железничкиот сообраќај во земјава е лоша. Во функција е една електрична гарнитура патнички воз, од кинеските, која сообраќа по трипати на релација Велес – Скопје и исто толку назад. Во функција се и две електрични патнички гарнитури, од кинеските. Едната функционира од Скопје до Градско а втората, која е во Гевгелија сообраќа до Неготино.

    Така патниците од двата воза дневно за Гевгелија имаат комбиниран превоз. Од Градско до Неготино и обратно, на делницата каде е оштетениот мост, тие се префрлаат со автобус. Во Гевгелија има и една електрична локомотива, која може да послужи за превоз на стока до Криволак.

    Има најави дека можно е до понеделник да се поправи една од дизел-патничките гарнитури кинески возови, а со тоа да се воспостави и редуцираната линија од Скопје за Битола и обратно, која функционира со по еден воз на ден, место три. За илустрација на состојбите во МЖ е вчерашниот пример, на пладневниот патничкиот воз од Велес за Скопје кој требаше да појде во 12.10 ч. тргна во 15.20 ч. Причина е што се менувале шини на делницата Велес – Рајко.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира