СО КОЅИЈАС РАЗГОВАРАВМЕ ЗА ТЕШКИТЕ ПРАШАЊА, ГЛАВНАТА РАЗЛИКА Е ОПФАТОТ НА УПОТРЕБА, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА ВО СОЛУН

    СО КОЅИЈАС РАЗГОВАРАВМЕ ЗА ТЕШКИТЕ ПРАШАЊА, ГЛАВНАТА РАЗЛИКА Е ОПФАТОТ НА УПОТРЕБА, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА ВО СОЛУН„Решението треба да биде одржливо и трајно и да продуцира пријателство,а не фрустрации“, кажа министерот за надворешни работи Никола Димитров. (архивска фотографија)

    Главната разлика во спорот за името меѓу Грција и Македонија е врзана со опфатот на употреба, кажа денес во Солун министерот за надворешни работи Никола Димитров, по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас.

    Тој кажа дека го искористил присуството на квадрилатералната конференција во која учествуваат Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, за билатерални средби и дека со грчкиот министер Коѕијас на вчерашната и денешната средба разговарале за потешките прашања за кои двете земји сè уште имаат разлики.

    „Разлики уште има. Ова што вчера и денес го направивме е испитувавме комбинации што едната или другата страна би можеле да ги прифатат. Тоа е нашата задача. Треба за овие елементи да разговараме и дома и да видиме дали тоа може поплодно да го искористиме следната средба“, кажа Димитров.

    Според Димитров средбата со Коѕијас била отворена и корисна и целта на преговорите е да се најде чесно, одржливо и трајно решение кое ќе продуцира пријателство, а не фрустрации.

    Тој кажа дека следната недела повторно ќе се видат со неговиот грчки колега во рамки на поширока конференција од денешната и дека потоа ќе имаат средба и со медијаторот Метју Нимиц.

    „Знам дека очекувањата се големи, средбите се чести. Почнавме скоро секоја седмица да се среќаваме. Но, како што знаете и рововите од каде почнавме беа многу длабоки, влогот е многу голем“, кажа Димитров.

    Министерот кажа дека на третата по ред квадрилатерална средба разговарале за европската иднина и дека Македонија и Албанија, кои за неколку недели ја очекуваат одлуката од Европскиот совет за почеток на пристапни преговори, токму во соседите кои се внатре во Унијата очекуваат да им бидат и најсилни поддржувачи. Следната ваква конференција ќе биде во ноември годинава, на која ќе се разговара за конкретни економски проекти.

    „Имав средба и со потпретседателот на Владата во Софија Екатерина Захариева. Разговаравме за некои конкретни за тоа што може бугарското претседателство да ни помогне во нашата амбиција и стратешка цел и конечно да има политичка одлука како резултат на чистата препорака на комисијата за почеток на пристапни преговори. Разговаравме и за дел од договорот за пријателство, некои рокови наближуваат и мислам дека идната недела ќе имаме што да соопштиме во смисла на комисијата која беше договорена, владината комисија која треба да го надгледува спроведувањето на тој договор, разговаравме за конкретни земји членки, самитот во Софија, и за тоа што уште може да се направи во Брисел во овие следни неколку недели“, кажа Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира