КРЕАТОРИТЕ НА ОХРИДСКИОТ И ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ИДНАТА НЕДЕЛА  ВО ОХРИД И ОТЕШОВО НА ГОЛЕМА КОНФЕРЕНЦИЈА

    КРЕАТОРИТЕ НА ОХРИДСКИОТ И ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ИДНАТА НЕДЕЛА  ВО ОХРИД И ОТЕШОВО НА ГОЛЕМА КОНФЕРЕНЦИЈАНа конференцијата ќе учествуваат поранешните високи претставници на ЕУ Фредерика Могерени и Јоханес Хан кои беа во Отешево на потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018. (Фото: СДК.МК)

    Наредната недела, на 1 и 2 јули, во Охрид и Отешево ќе се одржи голема меѓународна конференција со високи гости од Европската унија и САД, на која ќе се говори за важноста на Охридскиот и Преспанскиот договор. Конференцијата официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, поранешната претставничка за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа, еврокомесарот Јоханес Хан.

    На конференцијата, ќе учествуваат и специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, претседателот Стево Пендаровски, како и претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и на Словенија Борут Пахор.

    „Преспа- форумот за дијалог е платформа за нашата приказна и гласно да зборува во целиот свет, а целта е промоција на демократскиот дијалог низ примерите на Охридскиот рамковен договор, кој годинава слави 20-годишнина, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои не се конечни решенија, туку се рамка за уредување на одредени прашања кои понатаму се прилагодуваат на тековните случувања. Од самата конференција, која што очекуваме да биде содржајна и во идеите и иницијативите, кои очекуваме да се преведат во т. н. политички насоки или препораки и ќе може да послужат и како основа за други иницијативи, основа за континуитет на оваа платформа, но и порака кон ЕУ и трансатлантската заедница“, кажа на прес-конференцијата министерот за надворешни работи Бујар Османи.

    На конференцијата ќе се одржат повеќе сесии, посветени на економијата и бизнис соработката, граѓанското општество и медиумите во регионот и во процесот на европската интеграција. Ќе се зборува за младите и нивната визија за иднината на регионот на Југо-источна Европа, потоа за жените, мирот и стабилноста – поглед од Западен Балкан, за градењето доверба преку дијалог, како и за улогата на Западниот Балкан во иднината на Европа и поуките од долгогодишните спорови во Југоисточна Европа..

    Како што кажа Османи, пред стартот на конференцијата на 30 јули ќе се одржи неформален состанок на платформата Б6, на која министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ќе имаат т. н. „средба без вратоврски“.

    „Мојата интенција е овој неформален формат, слично како што се и другите европски формати како Б4 или Ц5, да стане редовна активност на министрите од регионот, каде ќе можеме неформално да разменуваме мислења, информации и да предлагаме идеи за сите предизвици и можности во рамки на меѓусебната соработка“, рече Османи.

    Одговарајќи на новинарско прашање за спорот за Бугарија, Османи кажа дека во наредниот период ќе продолжат разговорите за во септември да има зелено светло и договор.

    „Треба да има решение, патоказ и одлука за почеток на преговори. Нема договор доколку некој од овие елементи недостасува“, рече Османи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира