Лани во Македонија починале 356 жени од рак на дојка, што е највисока бројка од 2010 до денес, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во Македонија, вели ИЈЗ, најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2022 година е малигната неоплазма на дојка.
Од рак на дојка во 2010 починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 починале 337 жени со стапка од 32,6 и во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 на 100000 жени. Најниска е бројката во 2011 година, 272 жени.
Во месецот на борба против рак на дојка, здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, а слободни термини во здравствените институции нема со месеци. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници. Од друга страна, лекарите велат дека повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.
Ако жена сака да си закаже превентивен преглед на рак на дојка како што апелираат властите, термин нема до крајот на годинава, а за наредната, 2024, системот уште не дава термини. Проблем со закажување има и преку матичните лекари, бидејќи тие веќе не може да закажуваат за мамографија, туку ги праќаат пациентките сами да си закажат на страната на националната скрининг програма за програма за рано откривање рак на дојка. Таму во моментот не се добива термин, туку пациентката добива известување дека ќе ѝ стигне смс-порака кога ќе има термин.
Жените до 45 години кои немаат симптоми, превентивен преглед со ехо на дојка траба да закажат преку матичните лекари, кои закажуваат во Центрите за дојка кои ги има во дел од поликлиниките. Но, и за таму нема термини.
„Веќе една година не можам да закажам преглед на дојка, преку ехо и преку мамографија. Нели превентивно требаше да одиме на преглед за да превенираме рак на дојка, една од најраспространетите болести во Македонија? Се јавив кај матичниот гинеколог, вели: ’Нема термини подолго време, џабе се јавувате. Пробајте преку вашиот општ матичен лекар’. Кај општиот лекар ми го кажаа истото. Ме прашаа дали имам рак на дојка и дали сум оперирана? Одговорив негативно, горда дека сум одговорна за своето здравје и сакам да се прегледам и да превенирам. Откај матичниот ме упатија да се пријавам за термин на скрининг.мк и да чекам да ми стигне смс порака. Се пријавив, чекам“, вели С. К. (50) од Скопје која повеќе од една недела чека смс порака.
Скопјанката К. М. (47) исто така вели дека на 5 октомври се регистрирала на националната скрининг програма, но до денес, сѐ уште нема добиено известување за термин за преглед.
Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија и на Македонското лекарско друштво, на 20 септември, рече дека до Министерството за здравство ќе предложат да се воведе т. н. Сина дијагноза, или Син термин, за да може да им се олесни животот на пациентите кои се веќе детектирани со малигни болести.
„Наш совет е да се угледаме на некои не многу усовршени земји, не дека се нешто многу богати, туку во тој систем што го имаме да воведеме т. н. Сина дијагноза. Името не значи ништо, туку може да се нарече дека е тоа лоша дијагноза. На пример, имаме пациент кој има малигна дијагноза. Со таа сина дијагноза треба да има термини кои ќе бидат слободни. Јас секојдневно се соочувам со проблеми за закажување, и за дијагностика, и за третман и за дополнителни контроли. За тоа не би требало да има проблем. Тоа е наш предлог, ние не се занимаваме со социјални работи. Имам пациентка со инвазивен цервикален карцином, а не можам да ѝ закажам магнетна резонанца, основната постапка. За нив треба да да има Сини термини“, кажа д-р Димитров.
Тој вели дека раното откривање треба да биде организирано, масовно, на пример, во оваа година сите жени од 20 до 30 години да се јават, да бидат поканети за ХПВ тестирање.
Б. НЕСТОРОСКА