ЛАЖНА ВЕСТ СЕ ШИРИ ДЕКА СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ СЕ УЧИ ВО ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ, ТИЕ МАТЕРИЈАЛИ НЕ СЕ НИ ОД ЗЕМЈАВА, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    ЛАЖНА ВЕСТ СЕ ШИРИ ДЕКА СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ СЕ УЧИ ВО ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ, ТИЕ МАТЕРИЈАЛИ НЕ СЕ НИ ОД ЗЕМЈАВА, ВЕЛИ ЦАРОВСКА„Со непроверени информации се нанесува штета на целиот образовен систем“, вели министерката Мила Царовска. (Фото: МОН)

    Лажна е веста која се шири низ социјалните медиуми дека сексуалното образование ќе се изучува од второ одделение, регира Министерството за образование и наука (МОН). Од септември како изборен предмет ќе се изучува од 9. одделение во 4 училишта.

    Од МОН велат дека категорично ги демантираат невистините проширени од фејсбук групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, и бараат „одговорност за лажните вести кои се тенденциозни, со намера да шират паника и да ја манипулураат јавност“.

    „Веста е целосно лажна, а користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја. Ги повикуваме граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството, како и на целиот образовен систем“,  вели МОН.

    Во септември годинава треба да стартува пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование во 9. степен на основното образование, која Владата ја одобри во 2019. Пилот-програмата е резултат на двегодишната работа на работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата.

    „ХЕРА  активно работи на програмата заедно со експерти и претставници од МОН и Бирото. Пилотирањето ќе биде спроведено во 4 училишта од рурална и урбана средина на албански и македонски јазик и ќе има фонд од 36 часови. Ќе биде спроведено преку соодветен наставен план и содржина адаптиран за возраста, ќе го предаваат обучени наставници и ќе може на доброволна основа да го одберат како изборен предмет младите од 9. одделение“, вели Мери Цветковска, проектна координаторка на ХЕРА.

    Во декември се одржа обуката на наставниците кои ќе предаваат сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, што се означи како официјален почеток на пилот-проектот на ХЕРА.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира