Лажни се пријавите кои и денеска стигнаа за поставени бомби во девет средни училишта во Скопје, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Од таму велат дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле е-пошта со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.
МВР денеска не даде детали до каде е истрагата за дојавите и дали има осомничени.
Вчера и денеска во средните училишта во Скопје беа испратени е-пораки за поставени бомби. Наставата во сите училишта веднаш беше прекината и учениците беа евакуирани. Директорот на гимназијата Орце Николов Митко Димовски вели дека мора да се преземат сериозни чекори за да се отркие кој ги праќа е-пораките бидјеќи не може секој ден да се прекинува наставата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово изјави дека истрагата за вчерашните пријави за бомби е во тек и познати се првите податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки.
„Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Спасовски и додаде дека казните треба да бидат најстроги.
А. АНТЕВСКА