ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ЧЕКА РЕШЕНИЕ ОД ТАРАВАРИ ДА КАЖЕ КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СМРТТА НА 14-МЕСЕЧНОТО ДЕВОЈЧЕ, ТОЈ КАЖА ДЕКА ЧЕКА ОДГОВОРНОСТ ОД ДИРЕКТОРИТЕ НА ДВЕТЕ КЛИНИКИ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ЧЕКА РЕШЕНИЕ ОД ТАРАВАРИ ДА КАЖЕ КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СМРТТА НА 14-МЕСЕЧНОТО ДЕВОЈЧЕ, ТОЈ КАЖА ДЕКА ЧЕКА ОДГОВОРНОСТ ОД ДИРЕКТОРИТЕ НА ДВЕТЕ КЛИНИКИОд Лекарската комора велат дека немаат законски ингеренции ниту самоиницијативно да утврдуваат мерки, особено затоа што не располагаат со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен. (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора вели нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор за лекувањето на 14-месечното девојче кое почина на Клиниката за детски болести и ќе чека решение од министерот за здравство за Арбен Таравари со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи.

    На 5 октомври, на Детска клиника почина 14-месечно девојче, кое претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во „Козле“. Комисијата при Министерството за здравство на 14 октомври го објави извештајот од стручниот надзор во кој меѓудругото стои дека на Детска клиника при вториот преглед извршен на 3 октомври е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација на дететео, а во „Козле“ констатирана е неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии.

    Таравари вчера кажа дека извештајот е испратен до двете клиники и до Лекарската комора, и додаде дека не е ниту судија, ниту обвинител, но дека очекува одговорност и мерки од директорите на двете клиники.

    Од Комисијата за етички и правни прашања во Лекарската комора денеска преку соопштение велат дека немаат законски ингеренции ниту самоиницијативно да утврдуваат мерки, особено затоа што не располагаат со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен.

    „Најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи, за кои Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост, затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на здравствените услуги. Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со Министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите.

    Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на министерот за здравство. Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај.

    Лекарска комора ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи. Целосно ја разбираме потребата на јавноста за побрзо лоцирање и утврдување на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи и ингеренции носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни“, стои во соопштението.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира