ЛИДЕРИТЕ НА ЕУ ОДОБРИЈА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈА

    ЛИДЕРИТЕ НА ЕУ ОДОБРИЈА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈАЛидерите имаа состанок преку видеоконференција, а главна точка на дневниот ред беше кризата со коронавирусот, неговите здравствени и економски последици и начинот на ЕУ планира да се справи со нив. (Фото: Европски совет)

    Европските шефови на држави и влади, вечерва на редовниот пролетен самит на Европската Унија одобрија отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, според заклучоците од последниот Совет за општи работи на ЕУ на 24 март.

    „Ги прифаќаме заклучоците на Советот од 25 март 2020 за проширувањето и процесот на асоцијација и стабилизација“, се вели во соопштението од денешниот самит на лидерите на ЕУ.

    Лидерите имаа состанок преку видеоконференција, а главна точка на дневниот ред беше кризата со коронавирусот, неговите здравствени и економски последици и начинот на ЕУ планира да се справи со нив. Лидерите ветија дека ќе се обединат и ќе им дадат приоритет на напорите за решавање на здравствените, социјалните и економските последици на пандемијата.

    На 24 март, откако министрите за европски прашања на земјите од ЕУ одобрија почеток на преговорите за Македонија и Албанија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека Европската комисија ќе ја забрза работата и многу брзо ќе ја создаде преговарачката рамка за што побрзо да почнат преговорите. Во оваа фаза нема определен датум за првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и тој може да биде различен за обете земји, сè зависи од тоа како секоја земја ќе ги исполнува условите.

    Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата кои се преговараат, а претходно Европската комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од земјите членки. Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција пред стартот на овој процес.

    Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Oсмани одговарајќи на новинарско прашање за датумот на Македонија за преговори со ЕУ, денеска рече дека започнувањето на преговорите има три моменти, одлука за почнување на преговорите, преговарачка рамка и ден кога се одржува меѓувладината конференција кога формално започнуваат преговорите.

    „Ние вчера добивме одлулка за почнување на преговори, нешто што не можеше да се направи во изминатите 15 години. Според најавите што јас ги имав претходно пред пандемијата, планот за нас беше првата меѓувладина конференција да се одржи некаде во јуни. Бидејќи сега Советот даде мандат на Комисијата да подготви преговарачка рамка, таа треба да се усвои и да се одржи меѓувладина конференција на која јас како шеф на државната делегација би присуствувал во Брисел пред земјите членки и би ги презентирал нашите позиции. Но сега поради пандемијата, кога ќе се одржи таа меѓувладина седница не може да се каже, бидејќи целиот свет, па и ЕУ функционира во вонредни услови“, рече Османи.

    Европската унија ќе ја помогне Македонија со 66 милиони евра за борбата против коронавирусот, објави амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар на 24 март.

    „Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова време на нужда, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со: 4 милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, 9 милиони евра за приватниот сектор, 3 милиони евра директна поддршка за буџетот“, објави Жбогар.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира