Лидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија д-р Јанко Бачев, со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола, на вечерашниот протест пред Собранието против договорот за името со Грција, кој заврши со судир меѓу демонстрантите и полицијата при обид да се пробие кордонот и во кој има и повредени.
Меѓу оние кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше и Бачев, кој во еден момент се издвои од групата демонстранти и се качи врз оклопното возило и ги развеа знамињата, се задржа така неколку минути, а потоа на барање на полицаец се симна.
Неговата партија Народно движење за Македонија во јануари годинава го смени името во Единствена Македонија, а се залага за стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.
Бачев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ на чиј сајт стои дека е официјален руски партнерски универзитет.
Вечерашните демонстрации пред Собранието, во кои се повредени 7 полицајци и две жени, беа поради договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името, кој денеска во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Полицајците и цивилите се повредени по немирите што настанаа откако околу 21 часот, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат со камења против полицијата што го чува Собранието, а потоа се обидоа и насилно да ја турнат заштитната ограда и да се упатат кон Собранието. Полицијата интервенирираше со околу десетина шок бомби и солзавец за да ги растури демонстрантите.