Платениот американски лобист на ВМРО-ДПМНЕ Џејсон Мико е прoдуцент на документарецот што ќе го снима продуцентската куќа на Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев, газдата на порталите за ширење лажни вести против Зоран Заев пред изборите лани на 11 декември. Овој документарец е поддржан со 130.000 евра од Агенцијата за филм на РМ.
Како отворен лобист за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, Американецот Џејсон Мико е почесен конзул на Македонија, а до затворањето на „Дневник“ на 13 јуни годинава беше редовен колумнист на весникот и неговите колумни ги преземаше и провмровскиот портал „Курир“. Во колумните е потпишан како „менаџер за односи со јавноста од Аризона (САД) и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во југоисточна Европа“.
Филмот „Гласови (Спомени за илинденците)“ е поддржан од Агенцијата во категоријата Долгометражни документарни филмови од посебен интерес, а режисер ќе биде Исланѓанецот Сигурјон Ејнарсон, кој во 2010 го режираше документарцот „Името е име“ за спорот за името меѓу Македонија и Грција, во косценарио и продукција со Џејсон Мико, а асистент продуцент беше Александар Билбилов.
Ејнарсон за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека продуценти и на „Гласови (Спомени за илинденците)“ се Џејсон Мико и Александар Билбилов.
„Најдобар начин да добиете информација за овој нов филмски проект е да ги контактирате продуцентите, или Џејсон Мико во Аризона, или Александар Билбилов во Скопје“, ни рече Ејнарсон во фејсбук порака и остави е-пошта на обајцата, но пораките пратени на тие адреси се враќаат.
Од Агенцијата за филм немаат податоци кој ќе биде сценарист на овој проект, туку нѐ упатија да се обратиме до „продуцентската куќа ‘Њу медиа 2016’, односно до Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев кој се јавува како управител, но и како контакт лице согласно доставената апликација во Агенцијата за филм“. Но на мобилниот телефон и на е-поштата што ни ја дадоа од Агецијата за филм никој не се јавува.
Александар Билбилов е директор на македонската филијала на „Групацијата Минеко обоени метали Дооел“, која лани беше во игра за добивање концесија за рудниците Злетово и Тораница. Билбилов претходо беше портпарол на „Метрудхем“, контраверзната компанија ќерка на „Минеко“ што стана газда на велешката Топилница во 2008 и сакаше да ја рестартира. Во тоа време директор на „Минеко“ беше Џејсон Мико.
Според текст на неделникот „Фокус“ од 22 јули, 2011, ВМРО-ДПМНЕ за 7,500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите 2006 кои се одржаа на 5 јули, на кои партијата дојде на власт. Според објавениот факсимил, договорот е потпишан на 29 мај, 2006 меѓу Мико и Гордана Јанкулоска која тогаш беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, за следниве консултантски услуги:
– Преглед на партиската платформа и стратегија вклучително и сите материјали на англиски кои се дистрибуираат на меѓународна публика (како и веб страницата);
– Комуникции воопшто, меѓу што и пишување говори и писма, особено оние од партијата наменети за меѓународната заедница;
– Помош и преглед на пораките, темите и испораката
– Сугестии за стратегија и истражување на политичките противници;
– Помош во комуникацијата со странските медиуми, искористување на сопствените контакти за таа цел;
– Развој и разбирање на темите
– Комуникација со политичари и носители на одлуки во Вашингтон.
– Други задачи по потреба од тимот на партиската кампања.
Во договорот стои и дека ВМРО-ДПМНЕ се согласува однапред да му исплати 3.500 долари, а 4.000 долари по завршувањето на изборите на 5 јули, 2006.
Нема податоци за евентуални други договори на Мико со ВМРО-ДПМНЕ или државни инстиутции за време на нивното владеење од 2006 до мај, 2017.
Во Агенцијата за филм велат дека филмот „Гласови (Спомени за илинденците)“ е документарец со играни елементи кој е базиран на историски факти за патриотите од периодот на Илинденското востание 1903.
Според Централниот регистер, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев е сопственик на Друштво за новинско издавачка дејност „Њу медиа ентерпрајз ДООЕЛ Скопје“ која во Хрватска и Србија ги регистираше домените за порталите од кои лани се ширеа лажни вести против лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев и која е сѐ уште активна, а исто така е сопственик и на Друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма „Њу медиа 2016 ДООЕЛ Скопје“, која е продуцент на долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ што е поддржан со 8 милиони денари или 130.000 евра од Агенцијата за филм на последниот конкурс во 2016, а чии резултати беа објавени во почетокот на февруари.
Во Агенцијата за филм велат дека долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ е пријавен на конкурсот од продуцентската куќа „Њу медиа 2016“ и откако е одобрен, продуцентот е должен до Агенцијата да достави договори за регулирани авторски права за сценарио и режија заради потпишување на преддоговор.
М. КОСТОВА